Мисајловски: ВМРО-ДПМНЕ нема да престане со протестите

од Берта Китинска
286 прегледи

Со едночасовна блокада на крстосницата и пристапните улици пред Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), ВМРО-ДПМНЕ повторно побара од власта да ги прифати нивните барања – враќање на старата цена на струјата и оставка на членовите на РКЕ.

Потпретседателот на партијата Владо Мисајловски, рече дека се обиделе, но барањата не можеле да ги достават до РКЕ бидејќи биле пречекани со затворена врата.

ВМРО-ДПМНЕ, порача тој, останува на улица. Ги повика сите граѓани и здруженија да им се приклучат.

– Оваа битка не е е само наша, ова е битка на секој еден граѓанин. Мора да го слушнат нашиот глас, бидејќи само така сите сме посилни. ВМРО-ДПМНЕ нема да престане, туку ќе се здружува и сплотува со многу граѓански организација и здруженија и сите граѓани кои сакаат да победи правдата, изјави Мисјаловски.

Нагласи дека нивните следни чекори ќе зависат од власта, ако таа има слух и тие ќе ги променат одлуките за протести, но и дека ќе ги искористат сите демократски алатки да се борат да бидат слушнати барањата на народот.

– Ние сите алатки ќе ги употребиме. Демократијата значи да зборуваме во Собранието. Да знаат сите граѓани за што се бориме, но не може еден месец да чекаме милост од Талат Џафери и оваа власт да влеземе во Собранието. Затоа ова е демократски чин, изјави Мисајловски.

Под моторот „Скапа струја, сиромашен народ“ ВМРО-ДПМНЕ организираше протестен марш, од пред Министерството за правда до РКЕ.

Слични содржини