Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел денеска оцени дека самитот на Берлинскиот процес за Западен Балкан е добра можност за средба со лидерите од регионот пред самитот Европска унија-Западен Балкан што ќе се одржи во еден месец во Тирана.
– Во Тирана ќе продолжиме да се надоврзуваме на основите кои се резултат на денешните дискусии, ќе го продлабочиме нашето политичко и партнерство за креирање политики и дополнително ќе го неутрализираме негативното влијание на руската војна против Украина – напиша Мишел на Твитер.
– Повеќе од кога било, на Западен Балкан му е потребна Европската унија, а на Европската Унија и е потребен Западен Балкан – објави Мишел по денешниот самит на Берлинскиот процес за Западен Балкан во Берлин.
Тоа е, како што оцени Мишел, „геополитичка неопходност и геополитичка можност“.
– Време е да се забрза темпото на реформите и да се направи интеграцијата видлива и конкретна за жителите на регионот – заклучи претседателот на Европскиот совет.
На самитот за Западен Балкан, кој беше свикан во Берлин на покана на германскиот канцелар Олаф Шолц, покрај Мишел учествуваше и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, високиот претставник за надворешна политика Жозеп Борел и специјалниот пратеник Мирослав Лајчак.