Мишел: ЕУ сериозно ќе го разгледа барањето на Украина за членство

од Nikola Popovski
200 прегледи

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел денеска во Брисел изјави дека ЕУ сериозно ќе го разгледа барањето на Украина за добивање статус на кандидат за членство во Унијата, но укажа и на политичката тежина на таквиот потег.

На посебна, виртуелна седница на Европскиот парламент, Мишел рече дека Европскиот совет „нема да бега од одговорноста“ и дека ќе го „анализира барањето на Украина“, пренесува бриселскиот портал Еурактив.

„Ние како Европска унија ќе дејствуваме во во согласност со времето. Ќе биде тешко, знаеме дека во Европа има различни ставови. Европскиот совет ќе мора сериозно да го разгледа симболичното, политичкото и легитимното барање (на Украина). И ќе мораме да направиме соодветни избори на решителен и јасен начин“, рече Мишел.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој зборуваше пред Мишел, апелираше до ЕУ „да докаже дека е со Украина“, ден откако Киев поднесе официјална апликација за членство во Унијата.

„Се бориме за опстанок и тоа е најголемата мотивација од сите, но се бориме и да бидеме рамноправни членки на Европа. Верувам дека денес на сите им покажуваме дека сме токму тоа. Докажавме, во најмала рака, дека сме исти како вас. Затоа докажи дека си со нас, докажи дека нема да не оставиш. Докажете дека сте навистина Европејци и тогаш животот ќе ја победи смртта, а таму светлината“, рече Зеленски преку видео врска.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на истата седница рече дека одговорот на руската инвазија на Украина ќе ја одреди иднината на меѓународниот систем.

„Украинскиот народ го држи факелот на слободата за сите нас. Тие покажуваат голема храброст. Тие ги бранат своите животи. Но, тие се борат и за универзалните вредности и се подготвени да умрат за нив. Денеска ЕУ и Украина се поблиску од кога било. Имаме уште долг пат да одиме. Но, сигурна сум дека никој не може да се сомнева дека луѓето кои се толку храбро посветени на нашите европски вредности припаѓаат на нашето европско семејство“, рече Фон дер Лајен.

Слични содржини