Драматичниот конфликт на Блискиот Исток, кој предизвикува многу страдања, предизвикува поларизација и на европските општества па затоа, ЕУ мора да биде посветена и вклучена во неговото надминување, колку што е можно повеќе, порача претседателот на Европскиот совет по завршувањето на дводневниот Самит на Унијата во Брисел.
– Во ЕУ има силно единство за гаранцијата на безбедноста на Израел. Израел има право на безбедност и има право да постои. Затоа ние продолжуваме со осудата на терористичките напади на Хамас и користење на цивилите како жив штит. Бараме и го повикуваме Хамас веднаш безусловно да ги ослободи преостанатите заложници и го потврдуваме правото на Израел да се брани согласно меѓународното право, порача Мишел на заедничката прес-конференција со претседателската на Европската комисија и шпанскиот премиер Педро Санчез.
Тој нагласи дека лидерите разговарале за идеите за прогласување на хуманитарни паузи во конфликтот меѓу Израел и Хамас или за прекин на огнот, но нагласи дека клучно останува прашањето за доставувањето на хуманитарна помош до Газа и дека во тој контекст се разговарало за предлогот на Кипар за воспоставување на поморски хуманитарен коридор до Појасот.
– Мора да мислиме што по завршувањето на насилството? Како ќе биде управувана Газа?. Затоа ЕУ, со своите партнери, треба да понуди оперативна помош за зајакнување на палестинските власти, за да бидат легитимна и кредибилна, не само административна, туку и политичка власт, додаде Мишел.
Фон дер Лајен, пак, порача дека и двете страни вклучени во конфликтот треба да дадат се од себе за да ги заштитат животите на цивилите.
– Непосредниот приоритет на Комисијата е да достави што е можно повеќе хуманитарна помош за Појасот Газа. „Тим Европа“ до крајот на денешниот ден ќе организира 28 хуманитарни летови. Севкупно, тие летови ќе однесат околу 1.200 тони помош, а до крајот на годината планираме уште пет лета, рече претседателката на Европската комисија.
Таа нагласи дека покрај помошта ЕУ мора да се обиде да работи на постигнување мир во регионот, кој не е можен без политичко решение и за Израелците и за Палестинците преку моделот на две држави.
– Не може да има принудно раселување на Палестинците од Газа. Газа не може да биде безбедно упориште за Хамас. Хамас не може да биде во структурата на управата на палестинската држава. Реформираната палестинска управа мора да управува и со Западниот Брег и со Газа. И не може да има среднорочно или долгорочно безбедносно присуство на Израел во Газа, рече Фон дер Лајен, додавајќи дека тоа е добра основа за постигнување решение.
Во однос на ревизијата на Повеќегодишната буџетска рамка на Унијата за периодот 2021-2027 година, Мишел истакна дека предлогот бил поддржан од 26 земји, што не е доволно таа да биде прифатена, па за тоа напори ќе се направат на вонреден Самит на ЕУ на почетокот на следната година, најверојатно кон крајот на јануари.
Според него, поддршката од 26 земји е јасна порака за намерата за поддршка за Украина со 50 милијарди евра за наредните четири години, но рамката во исто време важна и за други прашања, како што е миграцијата и безбедноста, и за инвестиција во заедничката иднина.
– Убеден сум и оптимист сум дека ќе успееме да го исполниме нашето ветување за поддршка на Украина и дека таа одлука ќе биде и формално донесена, потенцира Мишел.
Фон дер Лајен нагласи дека сегашниот буџет на ЕУ беше дизајниран непосредно пред бројните кризи со кои се соочи светот, како Ковид пандемијата, војната на Русија во Украина, тешката енергетска криза и инфлацијата што таа ја предизвикаа, пред случувањата на Блискиот Исток и големиот број на природни катастрофи.
– Ние го мобилизиравме нашиот буџет за да ја обезбедиме потребната поддршка и одговори. Но, сега дојдовме до границите до кои може да одговориме на овие неочекувани кризи со нашиот буџет и тоа е причината што уште во јуни Комисијата предложи засилување на буџетот на ЕУ. Ние поставивме многу јасни приоритети – прв приоритет е Украина, поддршката на Украина, потоа, работата на миграцијата, зајакнување на конкурентноста на Европа, нашиот одговор на Законот за намалување на инфлацијата. Бараме и дополнување за справување со природни катастрофи и хуманитарни кризи. И конечно, треба да го прилагодиме буџетот на зголемување на каматните стапки, додаде претседателката на ЕК.
Таа истакна дека 26 земји членки ги потврдиле тие клучни приоритети и се согласиле да обезбедат дополнително финансирање за нивно исполнување.
– Сепак, за жал, вчера не успеавме да дојдеме до консензус. Унгарија не можеше да поддржи. Сега ќе има нова средба на почетокот на следната година. Ќе го искористиме, како Комисија, времето дотогаш за да се осигуриме дека што и да се случи на следната Совет на ЕУ, ќе имаме оперативно решение, рече Фон дер Лајен.
Таа му се заблагодари на Санчез и на шпанското претседателство да успешната соработка во изминативе шест месеци во кои се усвоени некои регулативи кои се клучни за ЕУ, како оние за вештачката интелигенција, за снабдувањето со критичните суровини и енергетската транзиција, како и дека се постигнати 50 договори, изразувајќи надеж дека со истото темпо ќе продолжи и претседателството на Белгија со Унијата за довршување на започнатите закони.
Санчез, пак, изрази надеж дека за време на претседавањето на Белгија со ЕУ ќе биде постигнат договор и во однос на буџетската рамка.
Според него, ЕУ ќе треба повеќе да се посвети на своето јужно соседство и да изгради стратешка визија за соработка со партнерите од овој регион и да им помогне во зајакнувањето на нивната стабилност и обезбедување на економска поддршка, но исто така и на односите со земјите од Латинска Америка и Карибите.