Мистеријата на новото работно место: Курц во шпионска компанија или кај поранешниот шеф на Гугл?

од Nikola Popovski
329 прегледи

Поранешниот австриски канцелар Себастијан Курц многу брзо си најде нова работа од моментот кога поднесе оставка. Светските медиуми пишуваат дека бил ангажиран во компанија од САД, па австрискиот политичар наводно со семејството ќе се пресели во САД.

Сепак, не е сосема јасно во која компанија оди Курц. За време на викендот беше најавено само дека ќе работи во САД, а според „Кронен цајтунг“, Курц за непозната раководна позиција ќе добива годишна плата од околу 500.000 евра и најверојатно ќе почне со работа во февруари следната година. Сепак, набрзо почнаа да кружат гласини дека компанијата во која ќе прејде е „Палантир“, компанија поврзана со шпионажа.

Палантир има контроверзно минато. Компанијата е обвинета за продажба на софтвер за надзор кој ја нарушува заштитата на податоците. Нејзини клиенти се ЦИА, ФБИ, НСА и Пентагон. Американското здружение за граѓански права (ACLU) објави дека „Палантир“ е „клучна компанија во шпионската индустрија“, пишува „Business Insider.de“. Компанијата пред неколку години ја ангажираше поранешната федерална менаџерка на австриското СПО, Лаура Рудас.

Од друга страна, не се мал бројот на медиумите од Австрија кои пишуваат дека тешко дека Курц ќе оди директно во „Палантир“. Ангажмани со компании на берзата обично се исклучуваат се додека има истраги против поранешниот канцелар, пишува „Die Presse“.

Според други информации, поранешниот канцелар сигурно ќе се префрли кај Питер Тил, коосновач на „Палантир“, кој сега е инвеститор. Курц бил во контакт со него во минатото.

Тил, милијардер роден во Франкфурт, стана познат како ко-основач на услугата за плаќање „PayPal“. Подоцна стана активен инвеститор и голем политички донатор. Тил, на пример, инвестираше милиони во изборната кампања на Доналд Трамп.

Како што пишува „Presse“, друга можност е Курц да работи за поранешниот шеф на Гугл, Ерик Шмит, кој моментално работи како консултант.

Слични содржини