Швајцарските рафинерии за благородни метали престанаа да купуваат руско злато кога Русија ја нападна Украина, но голема пратка на руско злато влезе во земјата минатиот месец. Веста, која пред неколку дена ја објави „Блумберг“, ја потврдија и швајцарските царински органи.
Властите во алпската земја соопштија дека повеќе од три тони злато од Русија пристигнале во Швајцарија во мај, што е прва ваква испорака во последните три месеци.
„Во мај 2022 година, околу три тони злато што доаѓа од Русија, во вредност од 194 милиони швајцарски франци, беа внесени од Британија во Швајцарија“, изјави портпаролот на швајцарската царинска служба.
Швајцарија ја следеше одлуката на ЕУ да воведе санкции кон Русија поради војната во Украина, но досега не се воведени санкции за купување на руско злато.
Швајцарските рафинерии за злато сочинуваат меѓу 65 и 70 отсто од годишните рафинерии за злато во светот, според АФП.
Важно е да се напомене дека швајцарскиот закон и санкциите не забрануваат увоз на руско злато во Швајцарија. Иако трансакциите не се нелегални, досега ниту една од главните швајцарски рафинерии за злато не признала дека ја извршила набавката.
Швајцарската асоцијација на производители и трговци со благородни метали, која исто така ги застапува рафинериите за злато, соопшти дека златото од сомнително потекло нема место во Швајцарија и очекува неговите членови да дејствуваат претпазливо и да се воздржат од купување во случај на сомнеж.