Митрески за пасошите: Меѓународните договори не можат да се менуваат со закон

од Nikola Popovski
259 прегледи

Претседателот на Собранието, Јован Митрески на новинарско прашање дали мнозинството во законодавниот дом утре ќе даде поддршка за продолжување на важноста на патните исправи, одговори дека меѓународните договори не можат да се менуваат со друг закон.

-Според информациите што ги добивам е дека тој закон нема да ги реши проблемите и дека е спротивен на членот 118 од Уставот во смисла на тоа дека меѓународните договори дека се дел од внатрешниот правен промет и фактички дека не можат да се менуваат со друг закон, така да конечната одлука ќе биде соопштена во текот на денот, кажа Митрески.

Додаде дека во текот на денешниот ден ќе го дополни дневниот ред за утрешната седница за законот на патни исправи, а во врска со поддршката на пратениците вели одлуките ги носат самите пратенички групи.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ минатата недела повика на поддршка од владеjачкото мнозинство за продолжување на важноста на патните исправи. Според нив, потребни се 15 пратеници од власта, кои заедно со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ќе го изгласаат законот за продолжување на важноста на пасошите. Во спротивно вели тие треба да се откажат од своите дипломатски пасоши, со кои патуваат непречено, кога и каде да посакаат.

Од СДСМ сметаат дека продолжувањето на рокот за пасош до 31 декември е спротивно на Уставот и меѓународните договори.

Претседателот Стево Пендаровски на 9 јануари кажа дека може да се пролонгира Законот за патни исправи до септември, оти, како што рече, нема смисла да продолжи хаосот со вадење нови документи. Според Пендаровски може во едно попладне да се интервенира во законите за лична карта, за патни исправи и во законот за безбедност на сообраќај, а претходно да се извести Грција дека Северна Македонија нема намера да бега од обврските до Преспанскиот договор.

Министерот за внатрешни работи во техничката Влада, Панче Тошковски изјави дека е срамота што Македонија „ги зароби граѓаните“ на својата територија, додека слободно можеле да се движат со македонскиот пасош со старото име во Швајцарија, Албанија, Косово, и за Германија.

Тошковски рече дека добил допис од Брисел дека Европската Унија нема да прави проблем доколку граѓани на Република Северна Македонија треба да патуваат со пасоши со старото уставно име.

Пратениците на 12 февруари оваа година по брза постапка ги изгласаа измените во законот за безбедност на сообраќајот, со што се овозможи датумите со важност на возачките дозволи со старото име на државата, наместо 12 февруари, да продолжат да важат до 31 декември 2024 година.

На 12 февруари оваа година истече периодот од пет години според одредбата од Договорот од Преспа потпишана во 2018 година, со која престануваа да важат патните исправи и документите за меѓународна употреба што го содржат старото име на државата.

Државата нема да ги извести другите земји дека престанува важноста на старите пасоши, но очекува флексибилност заради за проблемот со издавање нови пасоши, како што изјави неодамна министерот на надворешни работи Бујар Османи.

Слични содржини