„Со горко чувство и со тага во мене да соопштам дека овие 30 години ги разочаравме основачите на независноста на државата. Не го исполнуваме како држава во целост нивниот завет. А зад ова што го говорам е чувството дека по малку, чекор по чекор се губи државата. А работите се вртат во еден ист круг“, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од Битола.
Денес, според него, за прв пат во овие 30 години имаме соочување со огледалото, и целосната блокада за членство во ЕУ, а тоа само говори дека како држава немаме цели кон кои се стремиме и движиме.
-Не е суштината да велите дека сте решите проблем како тој со Грција, со кој подоцна ќе отворите 5 нови проблеми. Не е главното да се откажете од се што е за вас значајно како народ и да кажете направив исчекор со Бугарија. Потребно е да се има мудрост, како што беа мудри и Глигоров и Кљусев, како што мудро се водеше политиката од експертската влада која ја застана на нозе земјата. И низ бури и низ премрежја не дозволија темелите да бидат разнишани, посочува Мицкоски.
Апатијата, додава тој, затворениот круг, ја одзема енергијата кај народот и го прави индиферентен кон случувањата, кон оние кои владееја до транзицијата, „но и оние кои им се продолжена рака, нивни најдобри синови и ќерки“.
– И одбивам да влегувам во кампања на меѓусебни обвинувања, клеветења, расипани игри од кој полза имаат само оние кои ги ползуваат придобивките од власта, на еден нечесен и лукративен начин, вели Мицкоски по повод Денот на независноста.
Целта во следните 30 години, посочува лидерот на опозициската партија, мора да биде да влеземе во првите 15 економии во Европа.
– Да не збориме за мини шенгени како стратешки цели, туку да се бориме стандард да постигнеме како една Австрија. Економијата да расте со просечни од 5 до 6 проценти годишно, а не да се радуваме на секој еден обичен плус во економијата. Нашата нова цел мора да биде да влеземе како Македонци во Европската унија со наш идентитет, и зачувани традиции. Да бидеме на масата на рамноправните, и одвнатре да се бориме за нашите права. И не само влез во Унијата, туку и уривање на границите меѓу земјите и влез во Шенген зоната. Нашата цел за наредните триесет години мора да биде уривање и на последните стереотипи, поделби, клевети и обвинувања. Јас ќе уривам ѕидови кои делат и ќе градам мостови кои што ќе обединуваат. Ќе обединуваат буквално од Липково до Кривогаштани, од Тетово до Штип, изјави Мицкоски од Битола.