Мицкоски даде рок до вторник: Филипче и Хасани да ги достават своите оставки до Собранието

од Vladimir Zorba
372 прегледи

Даваме рок до вторник рано претпладне министерот за здравство и неговиот заменик да ги достават своите оставки до Собранието, како би можело тие да бидат констатирани на почетоко на веќе закажаната нова седница истиот ден. Доколку не бидат поднесени овие оставки пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ секако, со понудена соработка на другите пратенички групи, врз основа на член 184 став 1 од Деловникот ќе поднесе до Собранието предлог-одлука за разрешување на министерот за здравство и заменикот на министерот за здравство, изјави денеска на прес лидерот на опозициската партија, Христијан Мицкоски.

Додаде дека нема да поднесат Интерпелација зашто „не сакаме оваа Интерпелација да ја доживее судбината како изминатите интерпелации коишто беа поднесувани во минатото и никогаш повторно истите да не бидат точка на дневен ред и практично да ја преполнат фиоката на Талат Џафери“.

-Нема повеќе простор и нема кај него место за криење на овие луѓе коишто се неспособни владини функционери, рече Мицкоски на денешната прес-конференција.

Предлог-одлуките за разрешување ќе бидат доставени во вторник пред одржување на веќе закажаната седница со барање да бидат ставени токму на дневен ред на истата.