Во изминатите сто дена градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ започнаа 1096 проекти, а 166 капитални објекти низ цела Македонија започнати се со реализација, се пофали претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на отчетот за сработеното од градоначалниците од неговата партија за 100 дена. Мицкоски ги набројуваше резултатите што ги постигнале неговите избраници од народот во салата каде тие беа присутни. Според аналитичарите бројките кои беа прикажани за 100 дена власт се нерелани и пренапумпани.
-Опозицијата веќе неколку месеци, практично веднаш по завршувањето на локалните избори, папагалски повторува за организирање на предвремени парламентарни избори, бидејќи е свесна, дека колку повеќе ќе поминува времето, толку повеќе граѓаните ќе ја поставуваат и префрлуваат одговорноста кон опозицијата во доменот на ингеренциите на локалната самоуправа, бидејќи опозициската ВМРО-ДПМНЕ однесе голема победа освојувајќи 42 општини, вклучително и главниот град Скопје, коментира политичкиот аналитичар Благојче Атанасовски во разговор за „Локално“.
Според него тоа значи дека лидерот на опозицијата е свесен дека мора да прикаже како што вели „работа и успеси“.
-Но, 100 дена власт е патетично и смешно, вие после 100 дена власт во општините да се фалите со успеси. Секој кој се разбира од локална самоуправа и водел општина, знае колку претходна подготовка треба за проекти, финансиска издржаност, па потоа реализација за да бидат резултатите видливи. Не само што биле пренапумпани, туку се нереални, и ќе пукнат како меур од сапуница, особено ако поминат години, а резултатите на терен со видливо око бидат невидливи. Џабе се сите отчети и ПР кампањи тогаш, ако граѓаните не почувствуваат реален благодет од управувањето со општините во однос на работите кои се под општинска надлежност, смета Атанасовски.
За Ненад Јовановиќ прикажаните бројки за 100 дена власт се лажни.
-Немојте да заборавите дека популистите секогаш играат и лажат со бројки. Ама секогаш. Тоа е основната карактеристика на десничарскиот популизам – бројки кои сите се лажни. Втората карактеристика на десничарските популисти е „антиелитизмот“, што во превод би значело дека се „антиплурални“ и недемократи. Затоа се скриваат позади таа флоскула која ја нарекуваат „народ“. Демек тие биле народни, а нивните противници антинародни, одродени и предавници. Но, во сржта на својата програма и иделогија се авторитарни. Тоа никогаш не треба да се заборава, смета Јовановиќ.
Атанасовски смета дека ова се бројки со кои лидерот на опозицијата си го мотивира членството иако работите на терен се многу поразлични.
-Тоа е збивање на партиските редови, мотивирање на членството, и подготовка на капацитетите и структурите на партијата во очи на евентуални предвремени избори, со создавање на енергија дека ВМРО-ДПМНЕ како партија го има легитимитетот од граѓаните, и врз база на тој легитимитет ќе ја добие довербата од граѓаните да управува со централната власт. Што се однесува до бројките, нагласив, дека 100 дена се премалку вие да имате реални и опипливи резултати во сферата на локалната самоуправа. Освен тековно завршување на дневните обврски ( хигиена, одржување на хортикултура, урбана опрема, асфалтирање на сервисни улички), секој покрупен капитален проект, може да го види светлото на денот после извесен период, се разбира доколку првиот човек (градоначалникот) е способен менаџер и има визија, финансии и капацитети тоа да го испорача на граѓаните, вели аналитичарот.
Според Јовановиќ работите на терен се драматични со недостаток на граѓанска активност и агитација
-Од една страна, да, точно е, тие мислат само на апсолутна мобилизација на своето членство. Таа „борнираност“ на нивните гласачи мора да биде во состојба на штрек, како во армија. Од друга страна, ви велам, работите на терен се драматични. Недостига граѓанска активност и агитација. Општото граѓанство мора да разбере дека мора да се вклучи во активниот политички живот, пред се’ тука мислам на оние граѓани кои беа активни во соборувањето на режимот на Груевски. Тие граѓани недостигаат во нашиот политички живот. Тие граѓани мора да се мотивираат затоа што неволјата демне уште на следниот агол. Нема простор за неодлучност, вели политичкиот аналитичар за „Локално“.
За тоа како може да се оцени тоа што Мицкоски говореше за „постигнувањата“ на вмровските градоначалници, според Атанасовски тоа е одлика на еден авторитарен лидер, кој сака да се наметне како единствен во партијата.
-Дека тоа се негови кадри, а „постигнувањата“ , се одлика на неговиот партиски избор во партијата кога се номинирале кадрите за градоначалници, кои сега се веќе избрани општински татковци во општините каде што ВМРО-ДПМНЕ ја има власта под своја капа. Од друга страна е одлика и на еден авторитарен лидер, кој сака да се наметне како единствен во партијата (Александар Вучиќ е типичен пример), од нашето најблиско опкружување, односно да не дозволи некој друг од избраните градоначалници да се издигне во очите на граѓаните како успешен, популарен, работлив, човек кој ќе има исклучително висок рејтинг и ќе може да му го загрози лидерскиот пост во партијата, при евентуален изборен неуспех на некои идни парламентарни избори. Да го земеме примерот со екс лидерот и премиер на СДСМ, Зоран Заев, кој по успешните три градоначалнички мандати во Струмица, и довербата и легитимитетот кој го црпеше кај граѓаните, некако „природно“ се наметна како иден лидер на својата матична партија, и седна на најмоќното столче во „Бихаќка“, по демисијата на неговиот претходник, „биолошко-геномскиот “ татко на партијата, „незаменливиот“ Бранко Црвенковски, смета тој.
Не само што е дрско, според Јовановиќ отчетот на Мицкоски е авторитарно и недемократски.
-Вратете се повторно на популизмот и на недемократичноста: Мицкоски го собира суверинитетот на сите градоначалници во себе. А, треба да потсетиме дека на локалните избори не беше гласот даден за Мицкоски, туку беше гласот за градоначалниците. Така што, јасно се гледа дека режимските матрици на дело: партијата е сe’, Мицкоски и се’, граѓаните и гласачите се ништо. Ве молам, да бидеме прецизни: ако веќе некој треба да дава отчет, тогаш отчетот треба да го дадат градоначалниците. На кому, ќе прашате. На гласачите во Локалните Самоуправи и пред никого друг. Кој е Мицкоски да ја објаснува работата на градоначалниците? Не само што е дрско, аргонатно и базично нефер, туку е и авторитарно и недемократски, подвелкува аналитичарот.
Политиката не може да биде цело време кампања, реторика и слика
Во однос на тоа дали може ова е погрешен начин на водење ПР , во стилот на нивната мината владина гарнитура, Анатасовски објаснува дека авторитарните, популистички лидери и партии, за да прикријат својот неуспех од владеењето, односно кога и на „врапчињата на гранките“, ќе им стане јасно дека по одминато време, резултатите ги нема, тогаш прибегнуваат кон пропаганда, модерно наречено ПР, за да претстават успеси.
-И покрај тоа што Македонците, односно македонските граѓани, во овие триесетина години на повеќепартиска демократија многу пати биле подведувани, манипулирани и лажени со изборни ветувања, за потоа да бидат максимално разочарани, сметам дека во денешниот свет на пристапност на интернет, литература, мас-медиуми, сме доволно, или треба да бидеме доволно писмени и еманципирано едуцирани за да разбереме што е реалност, што е пропаганден ПР. Се надевам дека граѓаните, како што ќе одминуваат годините, и ќе имаме се поголем опит од практицирањето на демократијата, ќе бидеме се поискусни и нема да веруваме и да се врзуваме на големите лаги, кои биле својствени за едни поранешни тоталитарни системи на владеење (комунизам/нацизам). Сепак, за жал, се уште постои една маса на народ, која е подведувана повеќе од емоции, а не од рацио, и тие многу пати, и често го даваат својот глас на политички партии, кои ја сервираат големата лага во својот партиски лајтмотив. Кај таа категорија на граѓани, не гледам напредок во разликувањето, односно гледам константна заблуда. Веројатно и така сакаат да живеат и да функционираат , во имагинариум, заблуди, Потемкинови села, отколку да ги отворат очите и да ја видат суровата и жална реалност и вистина, вели тој.
Според Јовановиќ политиката не може да биде цело време кампања, реторика и слика.
-Не, не е ова пи-ар, не е ова ниту односи со јавноста, ова е опасно, штетно и претставува еден симптом на зло. Политиката не може да биде цело време кампања, реторика и слика. Опозицијата нема политика, има само ПИ-АР. За да се биде опозиција, тоа значи дека вие треба да имате алтернативна политика на постоечката. И ви велам, таа неговата недемократичност и популизам од лажни вести и лажни бројки треба сите длабоко да не’ загрижува, објаснува тој.
Б.М.