„Овие две недели одлучив да направам лична анализа за што се случуваше во изборниот процес, на денот на изборите и после тоа. Според нашите согледувања и разговори со граѓани, овие избори се најлоши и не можат да го понесат епитетот на на фер и демократски. Имавме масовна злоупотреба на државните ресурси, масовна брутална злоупотреба на вонредната состојба и огромен поткуп, сума поделена во два дела од отприлика 50 милиони евра. Сето тоа беше смислено сценарио, каде требаше да се обезбеди каква таква поддршка за мнозинската партија“, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервјуто за телевизија Сител.
Според него и партијата, практично брутално е украдена волјата на граѓаните од страна на Зоран Заев и неколкумина околу него.
Тој вели луѓе дека кои се претставувале во име на СДСМ им нуделе привилегии, пари и амнестии на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ за да преминат во нивната коалиција.
„Се згрозувам на тоа како на наши пратеници им приоѓаат луѓе кои се преставуваат во име на СДСМ, им нудат привилегии, пари, амнестии… Брутално згрозување. Тоа е иднината која ни ја нуди СДСМ. Лично ви кажувам дека неколкумина пратеници веќе имаат искуство и на кои им го нудат ова, и на крај им нудат и средба со раководството на СДСМ. Се разбира, тие обиди се брутално одбиени“, рече Мицкоски.