Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски смета дека претседателот на партијата, Христијан Мицкоски покажал државнички однос и ја одбрал страната на граѓаните.
-Мицкоски го понуди своето знаење, ги понуди своите контакти и им ја нацрта шемата како да се справи државата со енергетската криза. Сега останува до нив, дали ќе го прифатат овој план или ќе го одбијат. Она што е мое лично мислење, а познавајќи ги како функционираат изминатиов период, мислам дека самите цени кои што овие контакти ги нудат, тоа се скоро двојно поевтини цени на енергенсите и на мазутот, и на гасот, па и на јагленот, мислам дека тоа не им одговара на власта и на нивните зделки кои што веќе ги имаат направено во главата, изјавил пратеникот во емисијата „Што не е јасно“.
Денеска ВМРО-ДПМНЕ ги достави своите контакти за набавка на поевтини енергенси до министерот за економија Бектеши, како што беше договорено на вчерашната лидерска средба
Вчера на покана од претседателот на Владата, Димитар Ковачевски и владиниот тим, се одржа средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски и неговиот тим, на којашто се разговараше за справувањето со енергетската криза.
„Предлагаме позиција за значително поевтини реусрси на ТЕЦ ‘Неготино’. Цената на транспорот треба да ја одреди Владата како надлежна за тоа. Со овој предлог цената на струјата произведена во ТЕЦ ‘Неготино’ ќе биде најмалку два пати поевтина од таа што е сега на берзите. Предлагаме таа струја да се отстапи на стопанството за спасување на илјадници работни места“, изјави меѓу другото Мицкоски по средбата во Владата.