
„Гоце Делчев е идеолог и водач на македонската револуционерна организација и се бори за ослободување на Македонија. Македонија која вие ја засрамивте, пониживте, опљачкавте и разочаравте. Жалам што, наместо да промовирате вистински европски вредности, се одлучивте да продолжите да распродавате од нашето достоинство и не заборавивте да крадете“, одговори лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на фејсбук постот на премиерот Зоран Заев.
„Ќе ви тежи цел живот предавството и криминалот што го правите. Македонија и Македонците не забораваат. Жалам за поразот во Делчево, ќе бидеме подобри следниот пат кога ќе има демократски избори, а се радувам на победата во повеќе од 40 општини, вклучувајќи го и Скопје“, вели Мицкоски.
Претходно Заев сподели дека Делчев е борец за социјална правда, а Мицкоски е бранител на криминал и неправда. Тие двајца никако не одат заедно.
„Тоа на Мицкоски му го порачаа и граѓаните на Делчево каде ВМРО-ДПМНЕ изгуби со повеќе од 1000 гласови разлика на последните избори“, посочи премиерот.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ инаку попладнево на својот фејсбук профил најави нов протест за вторник, во 18:30 часот. Протестот ќе почне од Министерството за правда, ќе продолжи преку мостот „Гоце Делчев” и ќе заврши пред МНР.
-Ова е протест на народот, целта е ЗА ЕУ, ЗА Македонија, за Делчев. Гоце е црвената линија за нашето достоинство. Делчев го разбираше светот како поле за културен натпревар помеѓу народите. Европската Унија, од која секој ден сме се подалеку со мафијата на власт, почива врз идеите на солидарност, заедништво и градење на мостови. Владата преговара за Делчев, а очите на јавноста се далеку од тоа што за нашата земја е суштински важно. Нашите историчари заслужуваат поддршка, затоа што Гоце е столбот на македонизмот. Власта да има во предвид колку е важен супстратот за кој разговараат, напиша Мицкоски на својот фејсфук профил.