Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска оствари средба со претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предводени од Берглјот Бјорнсон Баркбу, шефица на мисијата на ММФ за земјава и Стефани Ебл, висок резидентен претставник на ММФ за Западен Балкан и шеф на Канцеларијата на ММФ во Скопје, соопштија од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата соопштија дека на средбата се дискутирало за актуелната политичка и економска ситуација во земјата, предвремените парламентарни избори кои следат во април и стратешките приоритети клучни за напредокот на државата.
„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ го потенцираше недостатокот на реформи од страна на власта, поради што Македонија не доби датум за почеток за преговори со Европската Унија, како и уназадувањето на македонската економија поради високиот криминал и корупција од страна на функционерите на власта“, информираа од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската партија соопштуваат дека лидерот на партијата навел дека заради катастрофалното работење со економијата на актуелната власт граѓаните се повеќе осиромашуваат, што доведе до тоа половина милион граѓани едвај да преживуваат, а бројката на блокирани сметки ближи до 100 илјади.
„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека впрочем власта со враќањето на рамниот данок само ја потврди својата неспособност, но со досегашните погрешни даночни политики направија голема штета врз стопанството како и одвраќање на идните инвеститори во Македонија“, стои во соопштението на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.