Вчера кажавме дека ја лажат македонската јавност, дека авансот за кинеските вакцини е вратен. Денеска официјално потврдија, реагира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Нема да избегате од одговорноста за тоа што не успеавте четири месеци да нарачате вакцини. Вие сте срам за Македонија. Неспособни и крајно корумпирани.
Заради вас умираат луѓе, заради вашата неспособност имаме сериозен трет бран на новозаболени. И пак не ви е гајле, бизнисот со корупција мора да тера, а народот секако ќе пати. Ви се гледа крајот, нема да ве оставиме на мира“, истакна Мицкоски.
Портпаролот Димиче Арсовски на ВМРО-ДПМНЕ вчера објави дека имаат информации дека е вратен авансот кој владата го платила до кинеската фирма.
Тој вели дека Македонија нема да добие кинески вакцини ниту во наредниот период.
„Авансната уплата која Министерството за здравство ја изврши за набавка на вакцината Синофарм, по барање на кинеското Министерство за надворешни работи беше повлечена заради усогласување на документација, на нашето МНР и МНР на Народна Република Кина. Разговорите се во завршна фаза, не станува збор за откажување на договорот, вакцините против Ковид 19 од производителот Синофарм во најкус можен рок ќе стигнат во нашата земја“, велат од Министерството за здравство во одговор на прашањето на Канал 5.
Министерот за здравство, Венко Филипче изјави дека е вратен авансот за кинеските вакцини поради „наша безбедност“, додавајќи дека тоа не значи дека тие нема да пристигнат во државава.
„Постапката трае подолго од тоа што ние очекувавме, но тоа е случај и со други земји“, потенцираше тој за Канал 5 и вети дека баскоро ќе пристигнат вакцините и дека преговорите со нив се во завршна фаза.
Филипче исто така рече дека одлично се одвива и процесот на имунизација, а очекува до следната недела да бидат вакцинирани над 4.000 лица кои директно се вклучени во работата со коронавирусот.