Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски е убеден во победа на претстојните претседателски избори и затоа партијата не размислува за бојкот.

– Ние воопшто не размислуваме за апстиненција на првиот или на вториот круг. Ова е натпревар во кој ние треба да спротивставиме политички платформи. Се разбира доколку има злоупотреба на правото на глас… тоа можат да бидат предуслови што на нас може да не доведат до одлука, не само ние како ВМРО-ДПМНЕ, туку и граѓаните во целост да пројават еден вид пркос и револт и да не излезат на вториот круг за гласање на претседателските избори, рече Мицкоски во интервју за ТВ Сител.
Тој смета дека тоа би било лошо и за државата и за евроатлантските интеграции.
– Нам ни се императив чисти и демократски претседателски избори, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој вели дека во партијата не размислуваат за пораз затоа што, вели, имаат кандидат кој гарантира поддршка од страна на граѓаните.