Мицкоски: Никаде не посочивме дека во скандалот е замешан Вице Заев

од Берта Китинска
165 прегледи

Денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека на вчерашниот брифинг со новинарите не зборувал конкретно за братот на премиерот ,туку дека  самиот се препознал во аферата

-Никаде јасно не посочивме дека во скандалот со изнудување пари од битолска фирма е замешан бизнисменот Вице Заев, брат на премиерот Зоран Заев.Во Записникот од ОЈО стои името Вице Н., а зошто братот на премиерот се препознал и зошто беа потребни сите тие навреди и реакции кон мене, не знам. Јас никаде на тој брифинг со новинарите не го спомнав името и презимето на Вице Заев, рече Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ вчера објави информација за нова афера во која велат дека е вмешан братот на премиерот Зоран Заев, Вице Заев.

Според информациите од опозициската партија обелоденета пред новинари на неформален состанок од нејзиниот претседател Христијан Мицкоски, во 2018 година, РЕК Битола отворил постапка за јавна набавка за ископувања. Тендерот го добила компанијата Рубитон, чиј сопственик подоцна пријавил во Секторот за спречување на организирана корупција во МВР.

Според неговото тврдење, велат од ВМРО, тогашниот директор на РЕК Битола, Васко Ковачевски, побарал од победничката компанија да се откаже од тендерот и да ѝ го даде на компанијата „СВ Инвест“.

„Откако директорот на компанијата го одбил, велејќи дека тоа е незаконско, тој бил контактиран од Вице Заев кој побарал Рубитон да ја заврши работата, а 250 илјади евра во кеш да земе Вице Заев. По некое време компанијата ја изгубила работата и претрпела загуба од 30 милиони денари.“