Мицкоски: Никој не може да ми забрани да сонувам да ја отстранам неправдата од Преспанскиот договор

од Берта Китинска
310 прегледи

Никој не може да ми забрани да сонувам да ја отстранам неправдата нанесена со Договорот од Преспа, рече лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во гостување на Алсат.

„Која беше цената што ја плати секој еден граѓанин на Македонија со овој договор? Беше ветувано бесплатно здравство, образование во Европа, членство во ЕУ… Каде сме сега? Тој договор ја отвори Пандорината кутија за некои други наши соседи да бараат дополнителни отстапки од овој народ… Дали имаме европска перспектива? Немаме. Дали сме блокирани? Блокирани сме. Никој мене не може да ми забрани да сонувам еден ден оваа неправда да ја отстранам. Исто како што е нанесена, така да ја исправам. Кога ќе имам можност…“,рече Мицкоски.

Мицкоски потенцираше дека на овие избори граѓаните носат одлука дали ќе им се даде уште четири години на СДСМ и Заев или ова ќе биде првиот чекор на целосна промена во општеството и една нова сила и нова енергија.

-Овие избори се носи одлуката како понатаму со Македонија, дали ќе им дадеме уште четири години апсолутна власт, или пак ова ќе биде првиот чекор кон целосна промена во општеството и една нова енергија и нова сила, нови луѓе што знаат како и кои што сакаат да создадат една нова иднина, нагласи тој. Секаде онаму каде што ние имаме кандидат ние имаме шанса за победа на тој кандидат и стоиме целосно позади тој кандидат, така што ВМРО-ДПМНЕ стои позади сите овие кандидати што излегуваат на овие избори и без разлика дали тоа се советници или градоначалници, додаде тој и вели дека расположението и анкетите покажуваат победа на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори.

-ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на овие избори, ВМРО-ДПМНЕ верувајте ми дека ќе победи и тоа го покажуваат и бројките и буквално состојбата, емоцијата, расположението на луѓето на терен, тука да немаме дилема, кажа Мицкоски.