Мицкоски од Инфективна: Излегувам од цитокинска бура, вирусов е страшен

од Берта Китинска
513 прегледи

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, веќе 13 дена е позитивен на Ковид-19. Тој на својот Фејсбук профил го сподели искуството од Инфективната клиника каде е хоспитализиран.

-Поминав исклучително тешки 12 дена, велат излегувам од т.н., цитокинска бура, интерлеукин 6 се намалувал. Денес ми е прво утро без покачена температура, подобро се чувствувам. Ова што јас го преживувам не сакам да биде ничија реалност бидејќи вирусов е страшен. Сакам да упатам јавна благодарност до целиот медицински персонал на Инфективна клиника во Скопје.

Секој од нив е вистински борец и нивната посветеност и пожртвуваност не се опишува со зборови. Жално и трагично е што сѐ уште не е започнат процесот на вакцинација бидејќи без тоа нема решение, а очигледно за него ќе чекаме уште многу. Ќе помине и мојата здравствена мака, ама ќе започне маката на Владата заради оваа неодговорност и неспособност за набавка на вакцини.

Не е време за циркус со шпиунски игри, треба сериозни луѓе на вистински места што знаат како. Ако на времето беше смешно кога ќе слушневме дека блескаме, денес е трагично бидејќи блескаме поради срамот, простотилукот, неспособноста на власта. Доаѓа денот за одговорност, напиша Мицкоски.