Пред земјите од Западен Балкан претстојат сериозни предизвици, но мораме да покажеме мудрост и зрелост која ќе рефлектира визија и перспектива на регионот, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за денешниот број на белградскиот весник „Политика“ .
Тој нагласува дека на „Отворен Балкан“ не гледа како на замена за ЕУ, туку како на иницијатива што може да помогне во полесна комуникација на регионот и лидерите треба да се фокусираат на точките кои не поврзуваат, а не на тие кои не разединуваат.
Во однос на тоа дали е напавена погрешна проценка со иницијативата за недоверба на владата или била направена во лош тајминг, Мицкоски вели дека уште на почетокот знаел дека шансите за тоа да успее се мали.
– Не би рекол дека е погрешна проценка, туку вистинска одлука со која на површина ја извадив целокупната немоќ на владата и нејзините менахизми на владеење. Уште од почетоков знаев дека шансите за тоа се мали, особено што секој демократски потег ќе биде потиснат од притисоци, закани и уцени, но сакав да види и целокупната домашна и меѓународна јавност со што се соочуваме дома во државата. Нема погрешно време за потег со кој уште еднаш се разобличи владата. А, ние покажавме капацитет на обединување на многу субјекти кои имаат свои разлики но се обединуваме во заложбата за пшромени и носење на нова иднина, објаснува тој.
Осврнувајќи се бугарското вето за старт на преговорите на земјава со ЕУ, Мицкоски вели дека не очекува чуда, но оти очекува од секоја Влада на земјава да се грижи за стратешките интереси на државата и да го почитува она што беше изгласано од мнозинството пратеници во Собранието во Резолуцијата која ги штити и отсликува македонските црвени линии.
-Не очекувам чуда. Она што очекувам од било која македонска влада е да се грижи за стратешките интереси на државата Македонија и она што беше изгласано од мнозинството на пратеници во Собранието срочено во резолуцијата која ги штити и отсликува македонските црвени линии. Очекувам почит, бидејќи и почит даваме кон нашите соседи. И вој поглед секоја влада треба приоритетно да се насочи кон решавање на домашните проблеми. Вистински загрижувачки е лошата економска состојба, отсуството на инвестиции, присуството на корупција. Дајте да ја завршиме домашната задача, а само така ќе ги одземеме аргументите на тие кои посакуваат кочење на европските интеграции. И не треба да заглавуваме во прашањата кои не разединуваат и создаваат конфликти туку да работиме на нова иднина, вели Мицкоски.