Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски упати Отворено писмо до здравствените работници по повод Меѓународниот ден на здравјето 7 април.
-Ова писмо не е политичко, туку израз на мојата длабока искрена волја, која можеби на некој нема да му значи нешто, но мене ми значи многу, да ви кажам благодарам за се што правите во овие часови и денови кога нашата земја се соочува со еден од најсериозните предизвици во изминатите 6 децении.
Вашиот деноноќен труд спасува животи, и додека за време на полицискиот час секој од нас е дома со семејствата, вие сте на работните места и помагате. Не може човек, а да не се поклони кон величенственото дело кое го правите за нашата земја и овој народ, со чест и сила која нè прави горди. Во моите мисли се луѓето во белите мантили, како и полицајците, оние кои го одржуваат редот и мирот.
И знам дека кај многумина од вас се јавува револт кога ќе чуете дека Владата донела одлука дека костумираните „контиња“ од СЈО ќе добијат баснословна сума на плати или некој несовесен градоначалник или министер потрошил на угостителски услуги или партиски времени вработувања во време кога за лекарите нема ни за маски, а за народот ни за тестови. Но верувајте, ја имате поддршката од народот, а се друго е минливо. Ако за тие работи не говориме толку гласно сега, не значи дека забораваме, а ќе дојде време и кога ќе се присетиме.
И кога сме кај тестовите против корона, иако министерот вели дека се е во ред, градоначалникот на Куманово вели дека не е. Иако сме од две различни политички опции, и имам сериозно поинакво мислење за многу теми поврзани со раководењето на општина Куманово, морам да кажам дека е во право човекот кога вели дека Куманово е препуштено самото на себе и дека нема тестови. Потребна е итна помош за Куманово и огромно внимание на Владата и министерството за здравство за надминување на кризата. Воедно она што јас можам да направам од мојата позиција е да ги повикам сите здравствени работници да се пријават во рамките на апелите за потребите на министерството и да ги дадат своите услуги на Кумановската болница и да помогнат најмногу што можат. Хуманоста мора да дојде до израз.
Докторите и сите здравствени работници треба да знаат дека не се сами. Јас како лидер на ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжам да лобирам и барам помош која ќе значи подобра опрема за заштита на лекарите. И не само од Унгарија и Словенија, туку ќе го побарам секој број во мојот телефонски именик кој може да помогне и испорача помош за Македонија. Ќе продолжам да се борам со предлози кои ќе значат заштита на здравјето на граѓаните и спас од растечката сиромаштија на народот. И да, целосно свесен дека ќе бидам предмет на сериозен политички линч од Владата и нејзините платени структури, но целосно убеден и подготвен дека правам исправна работа за вистинските херои во оваа битка ќе продолжиме заедно да се бориме, и да, ќе победиме над пандемијата, заедно помагајќи си еден со друг.
Воедно веќе дадов насока до експертите со кој соработуваме да изработиме предлог законска уредба која ќе ја поднесеме до Владата преку нашиот технички министер за парична награда на здравствените работници за месеците март, април и мај. А многу скоро, во зависност на степенот на вклученост во борбата ќе предложиме слична и за припадниците на МВР и АРМ кој учествуваат во борбата против пандемијата. Овие луѓе се вложуваат себе си и ги ризикуваат животите и го заслужуваат ова. А воедно и порака до владата, да го донесеме ова заеднички, едногласно, Филипче за неговите колеги, Спасовски за нашите здравствени работници, сите заедно за оние кои даваат сè во оваа битка, напиша Мицкоски.