Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, упати јавен повик до претседателот на Собранието, Талат Џафери, за одблокирање на работата на Собранието.
Мицкоски предлага Џафери пред утрешната седница за пратенички прашања да свика седница на која ќе се изгласаат четири закони кои се, како што вели, од интерес за граѓаните, стопанството и поврзани со кризната состојба.
Мицкоски вели дека точно пред 21 ден премиерот Зоран Заев побара да се гласа доверба на неговата Влада, но не побара на истата таа седница да се гласаат законите за помош на стопанството и граѓаните, кои се недоволни вели тој, но сепак е подобро нешто отколку ништо.
„Тие закони се во собраниска процедура уште од месец февруари, но долго време не се ставаа на дневен ред поради тоа што Владата немаше во буџетот пари, а тоа пак е последица на расипничкото и недомаќинско работење и помешаните приоритети. И втората причина е што за оваа нивна слабост сега сакаат да ја обвинат ВМРО-ДПМНЕ. Ова доаѓа од истите тие на кои поважно им беше да се пофалат дека имаат поддршка од 62 пратеника, која пак, во овој момент ја немаат, и да го покријат фактот што ги потрошиле парите во буџетот па мораа дополнително да се задолжуваат”, пишува Мицкоски.