Тие гледаат да профитираат и на туѓата несреќа. Додека народот пати, додека народот живее крпен живот, тие не престануваат да крадат. Се сеќавате кога беше полниот ек на корона кризата, и кога немаше вакцини, стотици луѓе умираа дневно, а од власта токмеа провизии при набавка на кинеските вакцини кои што беа неколку пати поскапи од сите други, рече pретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот предизборен митинг во Делчево.
Според него, на терен се спроведува поткуп, при што, како што посочува, се нудат стотици евра за еден единствен глас.
-Во Битола во игра се црни вреќи, во Велес се лицитира со бројки на крадени пари, денес се виде дека истото тоа го прават буквално секаде низ Македонија. А, Заев дели помош на одбрани фирми од буџетот на народот, тоа се потези на очајник кој се дави во сопствената кал, вели Мицкоски.
Тој смета дека денес ни седи пред врата енергетска криза.
-Тие се навртеа на тендер од 50 милиони евра за увоз на јаглен од Косово. И тука никој не го поставува прашањето зошто да плаќаме за увоз, кога РЕК има ископ на јаглен. Одговорот е дека на РЕК се потсетуваат кога ќе треба Струмички компании блиски до Заеви да земат тендер, а не и кога ќе треба да се копа јаглен, потенцира Мицкоски.