Мицкоски со поддршка за Израел: Имаат право да се бранат

од Nikola Popovski
237 прегледи

Лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски објави дека внимателно ја следат состојбата во Израел и значајното зголемување на насилствата.

„Испалувањето на ракети од Газа насочени кон цивилното население на Израел е целосно неприфатливо и дополнително ги зголемува тензиите во регионот. Истовремено го издвојуваме правото на Израел за заштита и одбрана на своето население и територија од нападите на терористичката организација Хамас“, смета Мицкоски.

Тој апелира кон политичките лидери во Израел и во регионот да продолжат со вложување на искрени напори за деескалација на судирите и одлучно да дејствуваат против екстремизмот кој создава сериозни безбедносни проблеми и го загрозува животот на цивилното население.

„Изразуваме длабоко сочувство за секој изгубен живот и посакуваме што побрза деeскалација на состојбите, што би значело мирен и безбеден живот за сите граѓани во тој регион“, стои во објавата на Фејсбук.

Кон неговиот став се приклучи и пратеничката од истата партија, Рашела Мизрахи.

„Хамас *кој е прогласен за терористичка организација и од ЕУ како и САД*, испали повеќе од 1000 ракети на Израелски цивили. Израел има право да ги брани своите граѓани. Искрено жалам за загубените животи и трагедиите со кои се соочуваат и двете страни. Останувам во надеж на брзо и мирно решавање на состојбите и овозможување на дијалог и достоинствено решение прифатливо за сите страни во конфликтот“, објави таа на својот Фејсбук профил.

Најновите судири беа предизвикани од ракетен напад на Хамас врз Израел во знак на солидарност со над 700 Палестинци ранети во Ерусалим минатиот викенд во судири со израелската полиција пред џамијата Ал Акса.

Слични содржини