Ако прецизно ја читате изјавата, ќе видите дека ние со месеци наназад го зборувавме истото дека билатералните проблеми и сите оние барања што ги има официјална Софија ќе влезат во преговарачката рамка, што значи дека или ќе се асимилираме односно ќе се бугаризираме и како такви ќе влеземе во Европската Унија или нема да има за нас влез во ЕУ, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски запрашан за тоа како ја коментира вчерашната изјава на бугарскиот премиер Кирил Петков за условот за кревање на ветото за Македонија.
Мицкоски е убеден дека земјите членки на ЕУ тоа нема да го дозволат.
-Така што ако тоа се случи и ако стави потпис оваа влада на тој документ треба народот во Македонија и граѓаните да знаат, да, можеби ќе се случи таа прва меѓувладина конференција но никогаш преговорите нема да почнат се додека ние не прифатиме да се асимилираме и како Бугари да влеземе во рамките на ЕУ и да го прифатиме сето она кое што е содржано во резолуцијата на Бугарскиот парламент од ноември 2019 година, изјавил Мицкоски од пред Соборниот храм во Скопје.
Бугарскиот премиер Кирил Петков смета дека официјална Софија може да го укине ветото за почеток на преговорите за пристапување на С. Македонија во ЕУ доколку, како што вели „ земјава го отвори и промени Уставот“.
„Доколку правата на Бугарите во С. Македонија се загарантирани и се дел од пакетот мерки во договорот на нивниот пат кон Европа, ние ќе ги поддржиме. Промената на уставот може да се постави пред првиот критериум што мора да се исполни во преговарачкиот процес. Критериумите што треба да ги исполнат мора да бидат јасно поставени од нас“, рече вчера Петков,