Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи соопшти дека останува на идејата за предвремени парламентарни избори.
„Техничка Влада во февруари, избори во мај. СДСМ одамна нема кредибилитет да ја води државата“, пишува Мицкоски.
Мицкоски пред неколку дена посочи дека предвремени парламентарни избори биле единствен излез од кризата во која западнала државата. Вели, ќорсокакот се продлабочил по новото вето од Бугарија и неуспехот на евроинтегративниот пат.
„Не велам дека изборите секогаш се најдоброто решение, но во состојба кога е јасно дека постојат сериозни проблеми, кога нема начин ниту пак било каква шанса оваа Влада нешто да промени, кога генерации повторно се оставени бесконечно да чекаат пред портите на ЕУ, предвремените парламентарни избори се единственото решение за излез од оваа политичка, економска, енергетска, дипломатска, сеопшта криза во државата. Затоа бараме во февруари или март да се формира техничка влада, а во мај – јуни да имаме предвремени паралемнтарни избори и народот да одлучи за иднината на Македонија“, вели Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ.