Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски тврди дека струјата ќе поскапи од 30 до 40 проценти.
Во краен случај, како што рече на денешниот брифинг со новинарите, одлуката ќе ја донесе Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), а таа, како што појасни, ќе предвидува укинување на евтината дневна струја од 14 до 16 часот попладне, но не и укинување на ноќната евтина струја и таа во недела.
Мицкоски вели дека енергетска криза е глобална, и според него клучната грешка што, власта ја направила изминатиов период е тоа што го оставила ЕВН Хоум сам да купува струја, наместо во процесот на надополнување на недостигот на струја да биде вклучен ЕСМ. Мицкоски појаснува дека ЕВН Хоум е приватна компанија со регулирана дејност, која доколку недостигот го набавувала преку ЕСМ тогаш државата ќе можела да излезе во пресрет и да помогне. Во сегашната ситуација ЕВН Хоум нема да банкротира, според Мицкоски, а сето она што однапред е потрошено наместо на државен ќе треба да биде на товар на граѓаните.
Денеска министерот за финансии, Фатмир Бесими вели дека не се очекува значително зголемување на цената.
-Имаме доволно планирано за да се ублажи ефектот од енергетската криза. Одлуката на Владата за ЕСМ да оди со пониска цена кон универзалниот снабдувач е добар знак. Ќе видиме до крајот на годината. Регулаторот ќе каже. Бројката од 10% за зголемување на цената на струјата излезе јавно од колегите министри. Јас вообичаено не давам вакви проценки, затоа што тоа ќе го каже РКЕ. Според проценките, нема да биде значително зголемување, рече Бесими во емисијата „Утрински брифинг“.