„Во право е Филипче, користи баби и жаби, и тука морам да се согласам со него. Разликата е околу 400 милиони евра или толку е поевтин клиничкиот во соседна Србија, од клиничкиот кој Филипче и Заев планираат да го украдат од граѓаните“, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната прес конференција во врска со изградбата на новиот клинички центар.
Тој објасни и дека разликата е во тоа што во Македонија нема проект туку физибилити студија за нов клинички од само 30 страни.
„Ова е проектот на Филипче од 30 страни, ова е физибилити студија. Во оваа студија на страна 9 во делот предложен капацитет на кревети стои дека ќе има 1.000 кревети. И ако го споредите тоа со клиничкиот центар за кој има проект за клинички центар во Србија, ова овде е параван како да се покраде пола милијарда. Тоа додека сум јас претседател на ВМРО-ДПМНЕ нема да го дозволам. Проект од бабите и жабите од 400 илјади евра помалку“, вели Мицкоски.