Грција соопшти дека ќе ја прошири воената соработка со традиционалните сојузници на НАТО, како и со силите на Блискиот исток во трката за модернизација на своите вооружени сили и соочување со нејзиниот воено самоуверен сосед – Турција.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ја посети воздухопловната база во јужна Грција за да присуствува на мултинационални воени вежби на кои им се придружуваат борбени авиони од САД, Франција, Израел, Шпанија и Обединетите Арапски Емирати, објави АП.
„Не можеме да бидеме наивни, соочени сме со нов сет закани“, рече Мицотакис во говорот пред авионите што учествуваа во вежбите.
Тој рече дека светот е исклучително сложен и дека, за жал, соседите на Грција стануваат се повеќе и повеќе нестабилни.
„Грција ќе продолжи да ги зајакнува своите одбранбени способности и да ги надградува своите вооружени сили“, рече Мицотакис.
Грција троши повеќе на одбраната од која било друга земја на Европската унија во однос на големината на нејзината економија, објави Танјуг.