„Министерот за надворешни работи Никола Димитров изнесе цела низа невистини кои не доликуваат на еден министер на сериозна држава.
Наместо да се занимава со заштита на државните и на националните интереси, министерот за надворешни работи во заминување со изнесување невистини јавно кодоши друг министер во истата Влада за покривање на сопствените пропусти. Практика којашто е непозната во ниедна демократска држава“, вели во својата реакција министерката за трус и социјална политика во техничката влада, Рашела Мизрахи.
„Во насока на вистинско информирање на јавноста, но и запознавање на јавноста за злоупотребите со користењето на алатките за лажни вести на Димитров, ја информирам јавноста дека во Министерството за труд и социјална политика има ЕДНА ЕДИНСТВЕНА табла со името на Министерството и таа воопшто не е променета со моето доаѓање.
Во прилог ги доставувам и фотографиите од средбите и настапите на претходната министерка, сега актуелен вицепремиер за економски прашања Мила Царовска, која и во текот на 2019 година настапува пред табла на која и јас, Рашела Мизрахи, како министерка во истото министерство продолжувам со активностите.
Тоа што Царовска и нејзиниот тим, веројатно под притисок, последните неколку настапи пред официјалната табла поставувале некаков бел банер, тоа не значи дека во министерството има две табли, особено не „стара“ и „нова“ табла.
Оттука, му посакувам на Никола Димитров, наместо за мојата работа во МТСП, за промена повеќе време да поминува на заштита на националните и државните интереси, што му е и основна работа како министер за надворешни работи“, вели Мизрахи.