Илјадници луѓе излегоа на улиците на мјанмарскиот град Јангон да протестираат против државниот удар и да побараат ослободување на лидерот на таа земја Аунг Сан Су Чи, пренесува Ројтерс.
Демонстрантите носеа транспаренти против воената диктатура, повикувајќи на воспоставување демократија и ослободување на Аунг Сан Су Чи и другите лидери на Националната лига за демократија, кои беа приведени по воениот удар во понеделникот.
Многумина носеа црвена облека од Националната лига за демократија, а некои вееја црвени знамиња, пренесува Ројтерс.
Хунтата во Мјанмар се обиде привремено да ги задуши критиките со блокирање на Фејсбук во саботата и продолжување на блокадата воведена на Твитер и Инстаграм на неопределено време, поради растечкото движење за протести.
Побарувачката за виртуелни приватни мрежи расте во земјата, дозволувајќи им на некои да ја избегнат забраната. “Ја изгубивме слободата, правдата и итно ни треба демократија. Ве молиме, слушнете го гласот на Мјанмар”, напиша еден корисник на Твитер. Врховниот командант на вооружените сили, генерал Мин Аунг Хлеинг ја презеде власта, осврнувајќи се на измамата на изборите одржани на 8 ноември, на кои Националната лига за демократија извојува убедлива победа.
Изборната комисија ги отфрли обвинувањата на армијата. Хунтата прогласи вонредна состојба за една година и вети дека ќе ја предаде власта по новите избори, без да наведе кога точно тоа ќе се случи. Воениот удар во Мјанмар наиде на меѓународна осуда. Советот за безбедност на ООН повика на ослободување на лидерите и воведување на насочени санкции што ги разгледува Вашингтон, што ќе влијае на поединци и субјекти контролирани од војската на Мјанмар.