МКС издаде налог, но колку е реално Путин да биде уапсен?

од Nikola Popovski
297 прегледи

Меѓународниот кривичен суд во Хаг издаде налог за апсење на претседателот на Русија, Владимир Путин. Тој, односно руската армија, се обвинети за илегално депортирање деца и илегално префрлање на луѓе од територијата на Украина во Руската Федерација. Москва брзо реагираше и изјави дека Русија не го признава тој суд и дека сите одлуки на тој суд се правно ништовни. Путин треба да присуствува на самитот на БРИКС во Јужна Африка во август. Јужноафриканската Република е една од 118-те земји признати од Меѓународниот кривичен суд во Хаг и законски е обврзана да го спроведе налогот за апсење на рускиот претседател. Од друга страна, голем број земји, меѓу кои и САД, не ја почитуваат јурисдикцијата на Хашкиот суд.

Оливер Андонов

Според мислењата на аналитичарите, проблемот лежи во релевантноста на налогот за апсење на Путин. Поранешниот министер и универзитетски професор, Оливер Андонов во разговор за „Локално“ вели дека по командна должност, рускуот претседател е виновен за извршениот акт на агресија и судот постапува, но проблемот се јавува токму во почитувањето на неговите одлуки од страна на меѓународно правните субјекти, а тоа се државите.

-Начелно треба да се придржуваат до потпишаните и прифатените обврски, но најчесто и не се придржуваат. Имате ситуација кога Германија вели ќе го апсиме, но имате ситуација во која Белорусија вели за нас тоа не вреди ништо, оценува Андонов.

Порачува дека Русија го смета ова за „будалаштина“ и тоа е нивен став, „но не значи наш став и став на меѓународното право“.

-Колку е реално апсењето на Путин? Во моментов мислам Путин не би си дозволил да патува надвор од државата. Не само поради потерницата и барањето на Хаг, туку и поради личната безбедност. Еве скоро беше во Мариупол и Крим, но тоа е речиси негова територија и негова безбедност. Дали би отишол во Иран, Северна Кореја, Кина, Монголија- можеби, за друго не сум баш сигурен, смета Андонов.

Соговорникот е дециден дека поларизација веќе е извршена во почитување на меѓународното право, интересите и влијанијата.

-Таа е тргната во највисок степен со почнувањето на војната во Украина, така што не знам што повеќе да толкуваме како поголема поларизација, рече Андонов и додава дека „одлуката на српскиот претседател Александар Вучиќ за договореното на средбата во Охрид со косовскиот премиер Албин Курти не зависела од налогот за апсење на Путин“.

-Тоа е една од плејадите притисоци врз Белград за да се дојде до конечното решение со Приштина и решавање на косовското прашање. Конечното решение на односите е само дел од решавањето на отворените прашања на Балканот, но дека има врска со односите на Западот со Русија имаат. Се додека трае војната во Украина, НАТО и ЕУ ќе работат по сите свои начини за да ги згаснат огновите, конфликтите и проблемите, меѓу кои еден е и меѓу Косово-Србија. Нема тука да се застане. Следен чекор ќе бидеме и ние врз основа на решавање на прашањето со Бугарија, истакна професорот.

Мирче Адамчевски

Новинарот и аналитичар Мирче Адамчевски потенцира дека има две значење од ваквото барање на Хашкиот суд – правно и политичко.

-Правно значење за Русија не значи ништо. Сепак има и политичко значење кое е битно и зависи кој како ќе го применува. Западот го поддржува тоа дека Путин направил воени злосторства, но самиот Бајден вели дека не го признаваме тој суд. Трамп пред 2-3 години се закани дека ќе воведе санкции против судиите од Хашкиот трибунал. Каков е тој суд кога кон него вака се однесуваат големите сили и не го признаваат?

Тој суд не е признат Кина, Турција и Индија – трите сили кои помогнаа на Русија економски да опстане во војната што ја води. Путин летово треба да оди во Јужна Африка, меѓутоа има двојно толкување на ситуацијата и одлуките. Може да се зборува и за определен имунитет на претседателот. Зависи од домаќинот каква одлука ќе си спроведе. Поважно е политичкото значење, вели Адамчевски за „Локално“.

Тој ја прокоментира и изјавата на Вучиќ дека со ваквата одлука на Хаг, „ќе нема со кој да се преговара за војната во Украина“.

-Поларизацијата е веќе направена – секој месец 40 земји во базата Рамштајн во Германија се договараат за помош на Украина. Тие се веќе еден пол. Вториот пол ќе бидат Кина, Индија, Турција. Поларизацијата веќе е почната, таа веќе се гради. Може на внатрешен план во Русија да има нешто, иако е тој многу силен. Не очекувам дека сценариото со Слободан Милошевиќ да му се случи на Путин и да го симнат од власт и да бидат притиснати од Американците, кажа Адамчевски.

Н.П.

Фото: Станислав Красильников, ТАСС

Слични содржини