Младите делчевчани формираа доброволно противпожарно друштво

од Берта Китинска

Помлади луѓе од Делчево пред неколку месеци започнаа постапката за формирање доброволно противпожарно друштво (ДПД).

Основачот на организацијата Борче Поповски раскажува дека оваа идеја се родила откако лани во овој реон беснееа пожари.

–Јас бев еден од доброволците што веднаш ѝ се ставив на располагање на единицата за противпожарна заштита и помогав во гаснењето на пожарите.Бидејќи има проблем со опремата и со средствата, решивме дел од одговорноста да преземеме и ние како граѓани. Тоа особено зашто во овој регион има сѐ помалку луѓе, особено во професионалните служби, вели тој.

ДПД „Волонтер – Делчево“, во согласност со донесениот статут, функционира како доброволна хуманитарна невладина и непрофитна граѓанска организација, чија основна цел ќе биде помагање при гаснење пожари и справување со елементарни непогоди, но ќе спроведува и разни еколошки акции и ќе им помага на загрозените категории на граѓани.

-Ги повикуваме сите правни субјекти и физички лица кои се во можност да донираат средства кои ќе бидат наменети за купување опрема како водоотпорни и огноотпорни одела, чизми, средства за комуникација, црева, пумпи (напртњачи) моторни пили и сл. опрема која е неопходна за побрза и поефикасна работа на друштвото.Во прилог е сметката на која можете да ги уплатите средствата: Денарска сметка: 200003961821044 Стопанска Банка АД Скопје.Доброволното противпожарно друштво Волонтер Делчево ќе се залага за справување со секакви елементарни непогоди и спроведување на еколошки акции, вели Поповски.

Слични содржини