Mладите се заробени од социјалните мрежи: Каде е проблемот и дали забраните би вродиле со плод?

од Nikola Popovski
582 прегледи

Современите технологии придонесуваат голем дел од луѓето, особено младите да бидат опседнати со социјалните мрежи. Поради тоа трпи социјалниот живот, интеракцијата со останатите, но и образовниот процес. Според психолозите, овој тренд води кон отуѓување. Социјалните мрежи земаат сѐ поголем замав во секојдневниот живот на младите. Со часови минуваат на Инстаграм, Фејсбук, ТикТок, Твитер, Јутјуб. Таму се изложени на секаква содржина, особено на она што им го сервираат инфлуенсерите или таканаречени влијателни личности.

На децата и младите во Флорида што се под 16 години ќе им биде забрането да ги користат социјалните мрежи без оглед на одобрението од родителите, според нацрт-законот усвоен од Претставничкиот дом на државата. Според американските медиуми, нацрт-законот не кажува кои платформи ќе бидат забранети, но ги таргетира сите социјални медиуми што ја следат активноста на корисниците, што им дозволуваат на децата да поставуваат материјали и да комуницираат со други. Покрај државата Флорида, Њујорк стана првиот голем град во САД кој ги прогласи социјалните мрежи за „опасност за јавното здравје“, објави градоначалникот Ерик Адамс. Адамс ги повика и компаниите кои поседуваат социјални мрежи „да не поттикнуваат криза на менталното здравје“, особено кај младите.

Треба ли да се забранат социјални мрежи на деца под 16 години и зошто?

Професорката по психологија, м-р Николина Ивановска Котевска објаснува од безбедносен аспект, официјално, забрана за користење на социјални мрежи за помлади од 18 години постои со самиот факт што не може да креираме профил доколку сме малолетни. Во разговор за „Локално“ вели дека проблемот е злоупотребата и недостаток соодветна контрола при креирање на профилот (едноставно пишувате дека имате повеќе од 18 години и мрежата го прифаќа тоа).

Николина Ивановска Котевска

-Може би било во ред најпрво да се воведе некоја посериозна контрола околу самата апликација при креирање профил (на пример внесување на ЕМБР итн). Од психолошки аспект користењето на социјалните мрежи и медиуми од страна на деца сметам дека е сериозно загрозувачко и кон менталното и физичкото здравје на малолетникот. Мое лично мислење е дека би било идеално доколку се забрани користење на било која смарт – технологија на деца до 5 годишна возраст, а потоа да се воведе строга контрола околу користењето да се воведе контрола околу содржините кои децата ги гледаат или играат, времетраењето на користење на дневно ниво (да биде не повеќе од половина час во текот на денот) и да се најдат алатки за сериозна контрола околу користење на социјални мрежи до 18 годишна возраст, истакнува таа.

На прашањето дали младите се заробени, професорката појаснува дека факт е дека од родителски аспект не постои подобра „дадилка“ од електронската смарт-технологија, но цената која ја плаќаат нашите деца е превисока.

-Ретко кој има контрола што неговото дете гледа, користи и како тоа влијае на неговиот ментален раст и развој. Младите се повеќе се надвор од реалниот свет а длабоко навлезени во виртуелниот. Виртуелниот, нереален свет е полн со разновидни дразби кои дополнително ги збунуваат младите и токму поради таа презаситеност на дразби, реалноста станува непривлечна и апатична што е огромен проблем. За жал се почесто сме сведоци и на кривични дела извршени од малолетни лица по содржина на одредена видео игра, посочува Ивановска-Котевска.

Во овој пост-ковид период, додава соговорничката, се забележуваат и многу прашања по социјалните мрежи од родители кои наведуваат дека имаат проблем со своите деца кои се изолираат од социјалното опкружување, ги занемаруваат обврските со учење, не се грижат за својот изглед и најголемиот дел од денот го поминуваат во својата соба, најчесто пред компјутер….

-Родители, не ја игнорирајте оваа појава и не се тешете дека „денешните деца така прават“… Не прават сите деца и не треба да прават! Најмалку што може да направите е без грижа на совест да ги проверувате нивните смарт уреди (компјутери, телефони , и да, свесна сум за правото на приватност, но во ситуација кога нивната безбедност и менталното здравје се загрозени тука приватноста ни е во споредна улога..). Проверете какви игри играат (и колку време поминуваат играјќи игри), проверете со кого комуницираат, проверете ја содржината…. Најчесто таму се одговорите за ваквото однесување и симптоматологија… Крајно време е да престанеме да ја игнорираме оваа патологија тешејќи се дека е нормалн, апелира професорката.

Во однос на тоа дали е можна забрана во Македонија како што се најавува во Флодира, Ивановска-Котевска наведува дека оние кои веќе користат социјални мрежи, секако дека ќе јават отпор кон забраната, но како и кон се друго, така и кон оваа проблематика, верува дека брзо ќе се навикнат на промената.

-Лично сметам дека постојат и други ефективни начини за намалување или исфрлање од употреба на социјалните медиуми како на пример: едукација на родителите, едукација на наставниците, на учениците, воведување на сериозна контрола во училиштата, заклучува професорката по психологија.

„Одвикнување од социјалните мрежи како одвикнување од дрога“

Од друга страна, дипломираниот педагог со магистратура психологија, Виолета Стојановиќ смета дека треба на децата да им се забранат социјалните мрежи на паметните телефони во земјава, од повеќе причини. Таа има искуство со работа со деца и оттаму вели дека тоа е потребно за нашата иднина и за идните генерации.

Виолета Стојановиќ

-Уште пред навршени 4 години, родителите ги користат телефоните за да ги нахранат своите деца, како им ги даваат и за да имаат слободно време. При тоа, не се ни свесни дека со тоа го губат најважниот момент на поврзување со своите деца, блискоста што влијае на нивниот понатамошен психофизички развој, предупредува Стојановиќ во рааговор за „Локално“.

Од 100 тестирани деца, вели педагогот, 92% немаат развиена ситна моторика, не можат да врзат врвки на патики, не знаат правилно да држат молив во рак и немаат ориентираност во простор.

-Тие се под влијание на спектар од бои и слики што го гледаат во телефонот кој им го подига на повисоко ниво хормонот ендорфин (хормон на среќа) и после книгите и наставата во училиштето им се досадни и непривлечни…Колку повеќе се пред телефон, толку повеќе стануваат зависни и бараат уште и уште…

Информациите што ги добиваат мрежите, претежно лажни и агресивни, ја испревртуваат нивната перцепција за светот и околината во која живеат. Социјално се оттуѓуваат, не се дружат, не играат, а и не знаат како да комуницираат меѓу себе, да не зборувам пак за надминувањето на конфликт и емпатија, укажува психологот и додава дека одвикувањето од социјалните мрежи кај младите е како одвикнување од дрога, но смета дека за 15-20 дена, ќе почнат да се навикнуваат и да бараат нешто друго за занимација.

„Кај нас многу лесно е одредена забрана да се злоупотреби за политички или за комерцијални цели“

Комуникологот Сеад Џигал тврди влијанието на социјалните мрежи врз комуникацијата и социјализацијата на младите станува сѐ поевидентно, така што ни претстои период на засилени обиди за регулација на некои аспекти од нивното користење.

-Не се исклучени ниту предлози за забрани, временски или возрасни ограничувања, како и воведување на построги закони и правилници за употребата на социјалните мрежи. Забраната на користење на некои сервиси во оваа развојна фаза веројатно не е најдоброто можно решение, иако во одредени аспекти тоа може да се покаже како корисно за воспоставување системи за заштита на корисниците, особено на помладите. Искуствата покажуваат дека забраните лесно се надминуваат или се заобиколуваат, а и пазарот се прилагодува на тој начин што се појавуваат нови сервиси кои се обидуваат да ги пополнат настанатите празнини. Сѐ на сѐ, состојбите се многу динамични и тешки за предвидување, но сигурно е дека ни претстои бурен период во кој обидите за регулација ќе се соочат со бранителите на слободарскиот интернет, како и борците за човекови права и слобод, анализира Џигал за „Локално“.

Сеад Џигал

Социјалните мрежи генерално веќе, појаснува тој, се наоѓаат во својата трета деценија од развојот и засега нивните модели за монетизација на корисниците се доста разработени и усовршени. Според него, глобално гледано, младите денес поминуваат над 6 часа онлајн во просек и се во голема мера под влијание на интернетот и на социјалните мрежи.

-Онлајн гигантите, како што се Гугл, Мета, Епл, Амазон, Х, и други, имаат воспоставено разгранета дигитална мрежа која собира податоци за корисниците, вклучително и за младите, и е во можност со голема доза на прецизност да профилира одредени демографски групи и да ги предвидува и насочува нивните интереси, информираност, желби, ставови, навики за купување, итн. Во тој аспект, да, тие ги искористуваат најмногу децата кои немаат доволно вештини успешно да се заштитат, така што на тој план претстои многу работа и се чини дека се неопходни низа промени на системски план, односно и во законите, објаснува Џигал.

Комуникологот оценува дека за какви било рестрикции и забрани во Македонија треба многу да се внимава, бидејќи како општество со слаба политичка и медиумска култура, многу лесно е одредена забрана да се злоупотреби за политички или за комерцијални цели.

-Ако се усвои каков било план за реформи во оваа сфера, тоа треба да биде инклузивен процес во однос на јавноста, особено стручната јавност, медиумите и граѓанскиот сектор. Според многумина, за Македонија и регионот најдобар модел е своевидна и прилагодена корегулација во која клучните одлуки ќе се носат во отворен дијалог на институциите, граѓанскиот сектор и стручната јавност, советува соговорникот.

Н.П.

Слични содржини