ММФ: Поверојатно е дека работите ќе се влошат, отколку да се подобрат

од Nikola Popovski
198 прегледи

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) повторно ги намали проекциите за глобалниот економски раст во 2023 година, предвидувајќи пад на светската економија за четири трилиони долари до 2026 година, објави денеска Асошиејтед прес.

Генералната директорка на ММФ Кристалина Георгиева предупреди дека „поголема е веројатноста работите да станат полоши отколку подобри“ и истакна дека руската инвазија на Украина драматично ја променила перспективата на Фондот за економијата.

Пандемијата на корона вирусот, зголемената инфлација и влошувањето на климатските услови, исто така, влијаат на светските економии со влошување на други кризи, како што се несигурноста на храната и високите нивоа на долгови во земјите со пониски приходи.

„Ризиците од рецесија растат“, оценува Георгиева и ја посочува оценката на ММФ дека земјите кои сочинуваат една третина од светската економија ќе доживеат најмалку два последователни квартали на економска контракција оваа или следната година.

Георгиева рече дека ММФ веќе трипати ги намалил проекциите за глобалниот раст, па сега очекуваат 3,2 отсто за 2022 година и 2,9 отсто за 2023 година.

Мрачните проекции доаѓаат додека централните банки ширум светот ги зголемуваат каматните стапки со надеж дека ќе ја скротат зголемената инфлација. Федералните резерви на САД беа најагресивни во користењето на зголемувањата на каматните стапки како алатка за ладење на инфлацијата, иако централните банки од Азија до Англија исто така почнаа да ги зголемуваат стапките оваа недела, според АП.

Георгиева истакна дека „премногу и пребрзо затегнување на монетарната политика, а тоа на синхронизиран начин, може да турне многу економии во продолжена рецесија“.

Организацијата за економска соработка и развој минатата недела објави дека глобалната економија ќе загуби 2,8 трилиони долари поради војната во Украина.

Проекциите доаѓаат откако алијансата ОПЕК + во средата одлучи значително да го намали производството, што може да и нанесе нов удар на глобалната економија и да ги зголеми политички чувствителните цени на горивото во САД пред клучните конгресни избори во ноември.

Слични содржини