ММФ: Земјите што произведуваат нафта изгубија 10 милијарди долари поради коронавирусот

од Aleksandar Petrovski

Големите земји – произведувачи на нафта изгубија околу 10 милијарди американски долари приход како резултат на падот на цената на нафтата предизвикано од појавата на новиот коронавирус, изјави извршната директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, на заедничката прес-конференција со претседателот на Светската банка, Дејвид Малпас во Вашингтон.

– Ние признаваме дека земјите што произведуваат нафта веќе настрадаа како резултат на падот на побарувачката на нафта и цената на нафтата. Тие веќе го намалија производството за повеќе од 15 отсто од почетокот на годината, што доведува до загуби во приходите на најголемите извознички на нафта во износ од близу 10 милијарди долари, додаде Георгиева.

Таа, исто така, истакна дека прогнозите за економски раст на Блискиот исток „ќе бидат пониски од очекуваното“. Покрај тоа, претседателката на ММФ смета дека тоа ќе се одрази и на проценките за кинеската економија.

Темпото на глобалниот економски раст во 2020 година ќе забави во однос на претходната година, додаде Георгиева.

– Колку ќе се намали и колку долго ќе трае ќе зависи од епидемијата на коронавирусот, како и од квалитетот, навременоста и ефективноста на преземените мерк“, рече таа.

Меѓународниот монетарен фонд е подготвен да издвои 50 милијарди американски долари од фондот за итни случаи за поддршка на најмалку просперитетните и земјите во развој во борбата против појавата на Ковид-19, предизвикана од новиот коронавирус.

Слични содржини