ММФ ѝ порача на ЕЦБ да ги зголеми каматните стапки до средината на 2024 година

од Stefanija Kuzmanovska
311 прегледи

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во петокот ја повика Европската централна банка (ЕЦБ) да ги зголеми каматните стапки до средината на 2024 година, како дел од напорите за ограничување на високата инфлација во Европската унија.

ММФ ги повика и министрите за финансии на земјите од ЕУ да спроведат строга фискална политика, пренесе Танјуг.

Шефот на европскиот оддел на ММФ, Алфред Камер, најмногу го загрижува инфлацијата, која е „данок на сиромаштијата“.

„Нашата главна препорака е да се ограничи инфлацијата, што значи дека мораме да користиме инструменти на монетарната политика. ЕЦБ треба долго време да спроведува строга политика, проценуваме до средината на 2024 година, со цел инфлацијата да се сведе на посакуваните два проценти во 2025 година“, рече Камер.

Во март 2023 година, инфлацијата во 20-те земји од ЕУ кои го користат еврото изнесува 6,9 отсто во споредба со истиот месец минатата година.

Базичната инфлација беше уште поголема и изнесуваше 7,5 отсто.

Од средината на 2022 година до март 2023 година, ЕЦБ драстично ги зголеми каматните стапки од нула на 3,5 отсто, но малкумина очекуваа оваа политика да продолжи и по 2023 година.

Министрите за финансии на земјите од ЕУ треба да ги поддржат напорите на ЕЦБ со спроведување построга фискална политика, додаде Камер.

Земјите од ЕУ не успеаја значително да ги намалат буџетските дефицити бидејќи ја продолжија финансиската поддршка на граѓаните поради високите цени на енергијата.

ЕЦБ сугерира дека сега, кога цените на енергијата се пониски, владите треба да престанат да ги поддржуваат граѓаните на овој начин или барем подобро да ја насочат помошта.

Слични содржини