МНР и МО ќе одлучат за слетувањето на авионот на Лавров, потврди Владата

од Radmila Tasevska
269 прегледи

Владата по денешната седница соопшти дека министерствата за надворешни работи и за одбрана ќе можат дополнително да одлучат за издавање одобрение за прелет и слетување на рускиот воздухоплов за време на одржувањето на триесеттиот министерски состанок на ОБСЕ во Скопје, со кој се очекува да пристигне рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

-Преку ова дополнување, надлежните министерства за надворешни работи и за одбрана ќе можат дополнително да одлучат за издавање одобрение за прелет и слетување на рускиот воздухоплов за време на одржувањето на триесеттиот министерски состанок на ОБСЕ во Скопје, во период од 29 ноември до 1 декември 2023 година, се вели во владиното соопштение.

Се појаснува дека на седницата била донесена Одлуката за воведување рестриктивни мерки во поглед на активностите на Руската Федерација, со којашто се ограничува пристапот на воздухоплови на Руската Федерација, а согласно со Регулативата на Советот на ЕУ од Заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, со којашто Република Северна Македонија е целосно, односно 100-процентно усогласена.

-Дополнувањето е согласно регулативата на ЕУ и одредбите во самите рестриктивни мерки, со коишто, за меѓународни конференции како што е Самитот на ОБСЕ во Скопје, се предвидени исклучоци за предметни рестрикции, се вели во соопштението на Владата.

Претходно, преку соопштение информацијата ја објави и Министерството за надворешни работи, наведувајќи дека преку надополнета одлука, Владата им пренела овластување на надлежните министерства сами да можат да одлучат за издавање одобрение за прелет и слетување на рускиот воздухоплов.

Руски медиуми пред неколку дена пренесоа дека Русија побарала од Северна Македонија, која претседава со ОБСЕ оваа година, да издаде визи за нејзината делегација за министерскиот состанок од 30 ноември до 1 декември. Русија, според руските медиуми, бара визи за 85 членови на руската делегација за учество на министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје. Во делегацијата ќе бидат рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, „неговиот лекар, техничкиот персонал, обезбедувањето“, 17 дипломати, меѓу кои и портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, и 24 новинари, наведуваат руски медиуми.

Слични содржини