МНР испраќа економски советници во седиштата на СТО и ФАО и во Брисел, Чикаго и Софија

од Vladimir Zorba
176 прегледи

Министетството за економија ќе прати тројца свои професионалци како економски советници во седиштето на Светската трговска организација (СТО) во Женева, во Брисел – кој ќе биде задолжен за земјите од Бенелукс, и еден во Генералниот конзулат во Чикаго, а Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе прати во седиштето на Светската организација на храна (ФАО) во Рим.

Покрај нив, ќе има и економски советник во нашата Амбасада во Софија, кој ќе биде единствен во регионов.

Ова е втор дел од пилот-проектот на Министерството за надворешни работи за економска дипломатија, откако неодамна беа назначени четворица економски советници во Минхен, Варшава, Анкара и Абу Даби.

Трите министерства ова го договорија со Спогодба, која шефот на дипломатијата Бујар Османи ја потпиша со министерот за економија Крешник Бектеши и со заменик-министерот за земјоделство, Трајан Димковски.

На заедничката прес-конференција, Османи рече дека се избрани земјите за кои сметаат дека треба да се во фокусот на економската дипломатија. Соопшти дека од МЗШВ побарале да имаат претставник и во Каиро зашто економската соработка со Египет е, пред се, во областа на земјоделските прозиводи.

– На овој начин, се обидуваме да ги вклучиме сите професионалци од институциите. Се уште го сметаме за пилот-проект, но ова е втората фаза и мислам дека ќе придонесе во подобрување во економската соработка и зголемување на економските потенцијали на земјата, што на крајот се сведува на отворање нови работни места, зголемување на стандардот и воопшто подобрување на економијата, рече Османи.

За разлика од дипломатите кои МНР ги упатува во ДКП-та со мандат од три години, одлуката за упатување економски советници е за мандат од една година со можност да им се продолжи до три години, Целта е да има годишна евалуација на нивната работа, а со тоа и повторна одлука на крајот на првата година дали тој треба да продолжи. Според Османи, резултатите во економската дипломатија се померливи од полтичката односно полесно се евалуира колку активности имале да ги претстават нашите економски потенцијали, да најдат нови пазари за нашите производи, да обезбедат нови можности за туристи да ја посетат државата итн.

Трошоците за економските советници ќе ги плаќаат министертствата од кои тие се испратени и се исти колку и за секој дипломат што МНР го праќа во странство. Османи рече дека тие ќе бидат дел од дипломатската мрежа на МНР и ќе имаат дипломатски статус. Притоа посочи дека Република Северна Македонија сега има над 250 дипломати во ДКП-та низ светот.

– Но, една инвестиција која ќе отвори десет работни места ги оправдува сите трошоци за економските советници што се исптарени, нагласи Османи.

Слични содржини