Министерството за одбрана категорично ги демантира информациите во дел од медиумите дека сите хеликоптери на АРМ се приземјени.
Министерството за одбрана информира дека Армијата на Република Македонија располага со оперативни хеликоптери кои што во периодот што следува ќе се користат за помош на населението на Република Македонија, имајќи предвид дека во летните месеци постојат ризици од евентуални пожари на територијата на државата.
Министерството укажува на тоа дека наша цел е најсоодветно да се искористат расположливите технички, материјални и финансиски ресурси на Армијата, особено во текот на летото. Токму затоа во изминатите неколку месеци (април, мај, јуни) беше и намален интензитетот на користење на хеликоптерите. Укажуваме на тоа дека не постои опасност пилотите во Армијата на Република Македонија да ги загубат своите дозволи за летање.
Во однос на ремонтот, имајќи ја предвид ново настанатата состојба во Украина и условите на пазарот кои се променети поради овие состојби, Министерството презема алтернативни мерки за изнаоѓање на долгорочно решение. За таа цел направени се повеќе средби со потенцијални сертифицирани сервиси за хеликоптерите со кои располага Армијата на Република Македонија.
Имајќи предвид дека се работи за повеќегодишен договор за целата флота хеликоптери, процедурата за избор се води мошне внимателно при што се согледуваат сите можности и капацитети кои е потребно да ги поседува идниот вршител на ремонти на хеликоптери.
МИНИСТЕРСТВО ЗА ОДБРАНА
