Подобра комуникација и координираност меѓу институциите при решавање на конкретни случаи на семејно насилство побараа граѓаните на Куманово на денешната јавна средба на тема „Права на жените-жртви на семејно насилство“, која се одржа во рамки на проектот Мобилен Парламент што го организира Граѓанската асоцијација МОСТ.
– Целта е да се подобри комуникацијата помеѓу граѓаните и пратениците за прашања од локален и национален интерес, а потоа да се донесат препораки и заклучоци кои ќе се дистрибуираат до сите пратеници, министерства, Владата и локалната самоуправа, изјави Теодора Поповска од МОСТ.
Пред присутните, жртва на семејно насилство од Куманово, рече дека побарала помош од институциите, при што потенцира дека е потребна поголема координираност на институциите, иако како што додаде наишла на коректен однос во решавањето на нејзиниот случај од Министерството за труд и социјална политика, МВР и судот.
Од граѓанските организации сметаат дека нема проблем при донесување на законите, туку дека е потребно суштинска имплементација.
Анета Јордановска од „Цивис“ Куманово изјави дека во минатото постоела сос-линија на која жртвите барале помош, но дека сега не функционира. Воедно, како што додаде во Куманово нема Шелтер центар.
– Официјални бројки кои ги имаат институциите е дека има дваесетина жртви на семејно насилство, но таа бројка во реалноста е поголема, бидејќи жртвите не се осмелуваат да пријават или да покренат постапка во МТСП, изјави Јордановска. Изминативе дваесет години, додаде Јордановска донесени се бројни закони, има прифатилишта во рамки на МТСП, во центрите за социјална работа има посебни одделенија за семејно насилство, отворени се Шелтер центри, институциите се вклучени и остварен е значителен напредок.
Од МОСТ потенцираат дека ова е последна јавна средба. Проектот „Мобилен Парламент“ се спроведува во неколку фази уште од 2003-та година, при што досега учествувале 211 пратеници и организирани биле околу 100 средби.