МТВ 1, МТВ 2, Сител, Алфа и Канал 5 известуваат пропагандистички во полза на власта, а особено во полза на партијата ВМРО-ДПМНЕ, има уредничка конвергенција, јасно видлива од изборот на исти теми, исти цитирани извори и ист агол на обработка, така што прилозите на различни телевизии изгледаат како да се уредувани од ист центар на моќ, користење иста логика на аргументација како и ВМРО-ДПМНЕ, се конструира ланец на еквиваленција меѓу претставници на невладини организации или експерти кои работат на изборниот процес и опозициската партија СДСМ. 27259golemaВака сублимирано во неколку точки изгледа медиумското известување во провладините телевизии изминатиот месец, што е предмет на анализа на Институтот за комуникациски студии.

– Продолжуваат и истите матрици на стратегиско демонизирање на СДСМ односно фаворизирање на ВМРО-ДПМНЕ, како и постојано користење на извори кои застапуваат исто гледиште. И за овој период на набљудување може да се заклучи дека масовната продукција на прилози со демонизирачка и фаворизирачка стратегија на овие телевизии креира атмосфера на силна политичка антагонизација, се наведува во анализата.

Овие телевизии користат и стратегија типична за популистичките дискурси преку конструирање на еквиваленција меѓу претставници на невладини организации или експерти кои работат на изборниот процес и опозицијата, нешто што според анализата, систематски ја уништува демократската јавна дебата.

Како примери на аргументирано критичко известување за политичките настани и актери во анализата се посочуваат телевизиите 24 Вести, Алсат М (на македонски и на албански) и Телма, чии „стратегии, иако пружаат отпор кон дискурсот на владеачката ВМРО- ДПМНЕ низ провладините медиуми, сепак немаат моќ да создадат контратежа од спротивставени информации што на гледачот би му помогнале самиот да ја оформи сликата за реалните настани“.

Она што отсуствува кај нив е практиката на истражувачко новинарство во дневното информирање, што според анализата е важно за развојот на политичкиот плурализам и јавната дебата.

Емисии со лични навреди и вулгарности и говор на омраза

Во однос на информативните емисии, се заклучува дека постои простор за јавна дебата за најактуелните политички прашања во земјава, но провладино-ориентирани телевизиски канали настојуваат да ги пропагираат првенствено гледиштата на владејачките политички структури, а на опозициските ставови и мислења или воопшто не им даваат простор или крајно ги напаѓаат и демонизираат.

Во анализата во овој контекст се посочуваат емисиите „Јади бурек“ на Сител и „Миленко Лејт најт шоу“ на Канал 5, чии водители во континуитет го прекршуваат членот 14 од Кодексот на новинарите, во кој се бара професионална дистанца од политичките субјекти и користат екстремен говор со отворени лични навреди и вулгарности како и негативни квалификации кои претставуваат имплицитен говор на омраза.

Но, како најзагрижувачки факт тука се издвојува улогата на јавниот сервис (МТВ) кој како што се заклучува „одамна ја изгуби водечката улога во овој поглед и како и дел од комерцијалните телевизии, во континуитет им служи на владејачките структури“.

Прилозите наликуваат како да се произведени во една редакција

Во дневно – информативните изданија убедливо доминираа политичката криза и предвремените парламентарни избори. Четирите провладини медиуми (Сител, Канал 5, Алфа и МТВ1 ) на второ место по важност ги ставија проектите и остварувањата на ВМРО-ДПМНЕ како партија на власт. Имајќи предвид дека политиката е онаа која владее со најголем дел од информативниот простор, следните теми на интерес во изминатиот месец се и аферата за фалсификуваните лични карти и работата на Специјалното јавно обвинителство.

Заклучокот на анализата е дека провладините медиуми унисоно ги пропагираат ставовите на ВМРО-ДПМНЕ, од една страна, наспроти неутрално-критички и/или аналитички пристап на останатите телевизии кон темата за изборите.

– Секојдневно, преку промовирањето на владините проекти и остварувања, провладините медиуми на граѓаните им претставуваа „максимално позитивна“ слика за работењето на власта, трансформирајќи ја функцијата на новинарството од критичко информирање во гола политичка пропаганда. Според дискурзивната структура и визуелната презентација, прилозите на овие телевизии како да беа произведени од една иста редакција. Во одделни случаи, дури и насловите на телопите беа речиси идентични, се наведува во анализата.

Она што е ново во оваа анализа за разлика од минатомесечната е дека со поднесувањето оставка од премиерската функција, про-владините медиуми целосно го свртеа и го фокусираа своето внимание кон Никола Груевски, кој како лидер на партијата на власт, се прикажува како промотор на владини проекти.

Тенденциозниот начин на известување ососбено е видлив кај темите поврзани со работата на Специјалното јавно обвинителство: се селектираат едни, а се занемаруваат други аспекти на работата на јавното обвинителство со што темата се „врамува“ со цел манипулирање со јавното мислење.

– Во овој случај, кај сите три медиуми (Сител, Канал 5, Алфа) дури беше јасно видливо насоченото и синхронизирано „конструирање на приказна“ која не кореспондира со реалните случувања, со цел кај гледачите да се поттикнат негативни перцепции за работата на Специјалното обвинителство „кое работи во поврзаност со опозицијата“, се наведува во анализата од мониторингот.

Анализата го опфаќа периодот од 19 декември лани до 29 јануари годинава. Опфатени се вестите на 11 телевизии и 38 изданија на 11 различни актуелно-информативни емисии на јавниот сервис (МТВ1 и МТВ2) и на 7 приватни телевизии (Сител, Канал 5, Алфа, Телма, Алсат М, 24 вести и ТВ21).

Слични содржини