Македонија останува во чекалната за ЕУ: „Се поблиску до БиХ и Грузија, но ќе не остават за последниот воз за ЗБ во исчекување на решение меѓу Белград и Приштина“

од Nikola Popovski
258 прегледи

Скопје и Тирана раздвоени на европскиот пат. Амбасадорите на земјите членки на ЕУ едногласно одлучија, на 15-ти октомври во Луксембург да се одржи втора меѓувладина конференција со Албанија, со што земјата ќе почне да ги отвора поглавјата од првиот кластер – темели. Македонија останува во чекалната додека не го исполни условот од Преговарачката рамка за уставните измени и внесување на бугарското малцинство.

За ваквите пораки од Брисел, претседателот на СДА Македонија и познавач на состојбите, Џелал Хоџиќ вели дека историјата се повторува. Според него, ние како држава, поради одбивањето да се соочиме со проблемите, ги пропуштаме возовите за ЕУ, а тоа претставува наша стратешка цел.

-Па поради одбивањето да влеземе во решавањето на спорот околу името, го пропуштивме возот да влеземе во ЕУ заедно со Хрватска, а бевме многу пред Црна Гора и Албанија. Сега го пропуштаме возот да го убрзаме членството кон ЕУ со Црна Гора и Албанија, затоа што некој поради политички поени внесувањето на Бугарите, Хрватите, Црногорците, Тробешите и Египќаните во Уставот го претставува како предавство на државата. Јас очекувам дека до Нова година и на БиХ ќе ѝ биде доделен датум за почеток на преговорите со ЕУ, посочува Хоџиќ во разговор за „Локално“.

Џелал Хоџиќ

За жал една деструктивна политика и реторика која, додавај тој, нас ќе не остави за последниот воз на Западен Балкан, да го исчекуваме решението на проблемите на релација Белград и Приштина.

-ЕУ секако дека има свои проблеми… но со овој „воз“ на проширување ќе сакаат да покажат дека сепак ЕУ е отворена за Западниот Балкан, па така државите кои ги решаваат проблемите ќе можат да напредуваат, а тука е прва Црна Гора најмногу отидена напред во преговорите, но и Албанија која е спремна да прави буквално се за после членството во НАТО да оди кон ЕУ, објаснува соговорникот.

Според него, сите држави во членството кон НАТО и ЕУ правеле „болни“ реформи.

-Приказната „Ние дома ќе синаправиме ЕУ” додека чекаме ЕУ да попушти во барањата кон нас, едноставно не е возможна. ЕУ ни е потребна во интеграцискиот пат поради знаењето, кое ние го немаме, поради парите од фондовите, кои ние ги немаме, поради технологијата која ние ја немаме, како и поддршката кон понатамошна демократизација, која ни е потребна. Резултатот е тој, место да земаме неповратни средства од ЕУ фондовите, ние ќе останеме изолирани и ќе се задолжуваме во нетранспарентни кредити од Орбанова Унгарија. Се додека не разбереме дека политиката служи да се решаваат проблемите за подобро утре на државата, а дека билдањето рејтинг врз проблемите носи поголеми проблеми и застој во развојот на една држава, заклучува Хоџиќ.

Извршниот директор на „Преспа Институтот“, Андреја Стојковски со сличен став. Тврди дека ќе останеме сами, но се поблизу до една нова група на држави каде што друштво ќе ни прават Босна и Херцеговина и Грузија.

-Комисијата и натаму за нас ќе изработува извештаи. Ние и натаму ќе даваме изјави дека сакаме да пристапиме, а тие ќе не потсетуваат на условите. Во политичките процеси дома има што понатаму, иако, не очекувам потрес и влијание врз владината коалција, но ќе има влијание врз политиките и животот тука, вели Стојковски за „Локално“.

Андреја Стојковски

Околу тоа дали е „завршена работата“ околу уставните измени, откако нема помрднување на ставовите од двете страни, тој вели дека зависи што точно значи „завршена работа“.

-Ако мислиме дека можеби е крај и уставни измени нема да има никогаш, тогаш сме се излажале. Ние, граѓаните, секој пат ја плаќаме цената. Секој пат тоа е повисока цена од онаа која оригинално сме требале да ја платиме. Ако бевме мудри и разберевме дека времето сепак не работи за нас, ќе најдевме решение за спрот со името порано, пред да изгубиме неколку децении, неколку стотици или илјади државјани за бугарски пасош, односно неколку стотици илјади жители за подобар живот на запад, главно во ЕУ. Ако сме мудри сега, ќе разберевме дека минатото се штити само ако имаш иднина, а ние за минатото ја жртвуваме иднината на нашите деца, со тоа и нашата иднина, дециден е директорот на „Преспа институтот“.

Лоша порака кон македонските граѓани, се работи за диктат, вака премиерот Христијан Мицкоски ја коментира одлуката. Откри дека ова му било соопштено и на средбите со европските челници, при неговата посета во Брисел.

-На евроинтегративниот пат како држава направивме многу работи кои никој не ги направил, а не се поврзани со копенхашките критериуми, рече Мицкоски, додавајќи дека ние сме единствен случај во кој билатерални договори се услови во преговарачка рамка. Го дели мислењето на огромно мнозинство македонски граѓани дека не треба повеќе да прифаќаме услови врз основа на национални отстапки, без гаранции.

Раздвојувањето на Албанија и Македонија на патот кон Европската унија е тежок пораз на политиките на Владата, но пред сè е огромна катастрофа за иднината на граѓаните, вели лидерот на СДСМ. Филипче додаде дека сега Македонија останува изолирана, без јасен план и стратегија како ќе продолжиме напред и според него, најголемата трагедија е што ВМРО-ДПМНЕ всушност сака повторна билатерализација на европските преговори и спорот со Бугарија. Лидерот на социјалдемократите е убеден дека со промената на Уставот, што е услов од преговарачката рамка, како држава ништо нема да изгубиме, туку напротив, ќе добиеме.

Македонија и Албанија се во истиот т.н. пакет за преговори со Европската Унија. На 19 јули 2022 година, во ист ден во Брисел ги одржаа меѓувладините конференции, кои би требало да означуваат почеток на преговорите, со тоа што за Македонија е направена „иновација“ со две меѓувладини конференции поради условувањата на Бугарија. За одржувањето на втората меѓувладина конференција и отворање на поглавјата со преговори, Македонија треба да спроведе уставни измени и да ги внесе Бугарите во преамбулата на својот устав, што потоа би активирало цела низа други бугарски услови, вметнати како анекс-протоколи во преговарачката рамка, позната како француски предлог. Поради таквите услови за Македонија, кои не се прифатливи за мнозинството македонски граѓани и за опозицијата, од Тирана се пласираа гласни пораки за барање за издвојување од ЕУ-пакетот. Но најавата на Грција за блокирање на почетокот на преговорите и на Албанија се чини како некакво воспоставување „рамнотежа“ во пакетот со неразумни условувања и уцени за двете земји кандидатки од Западен Балкан. Инаку, Грција претходно две децении беше насочена на блокирање на Македонија во нејзините европски и евроатлантски интеграции, а по потпишувањето на Преспанскиот договор, таквата опструктивна улога ја презеде Бугарија.

Н.П.

Слични содржини