Стопанствениците лути: Парите за поврат на ДДВ се пари на компаниите, а не на државата или на фантом фирмите

од Nikola Popovski
2,4K прегледи

Доцнењето на повратот на ДДВ ги трупа долговите на државата кон бизнис секторот. Соочени со доцнење од над 100 денови, дел од стопанствениците за „Локално“ велат дека ваквата состојба им создава големи потешкотии во работата како проблеми со ликвидноста, намалени инвестиции, плаќање на обрвските. Владанка Трајкоска од Организацијата на работодавачи смета дека речиси и не постои компанија која не си ги чека своите пари од државата.

„Тоа не се пари кои државата треба да им ги поклони на компаниите, тоа се пари кои државата им ги должи на компаниите. Очигледно е дека во оваа ситуација компаниите ја вршат функцијата на кредитори на државата. Само овие кредити се безкаматни и без хипотекарно задолжение, а такви кредити не постојат освен кога државата сама ќе си ги земе од компаниите. Нормално е дека кога има застој или прекин во синџирот на исплата на обрските се јавуваат економски последици, а тука последиците ги чувствуваат компаниите. Тоа се: ликвидносни проблеми на компаниите, доцнење со плаќање на обврските, потешкотии во работењето со обртни средства и набавка на материјали, намален обем на инвестициивели Трајкоска.

Премиерот Христијан Мицкоски вината за застојот ја лоцира во т.н фантом фирми. Проблеми во Буџетот нема тврди тој и вети дека парите за поврат на средства од ДДВ ќе се исплатат кога ќе завршат контролите не прецизирајќи кога. Работодавачите инсистираат Владата да си ги почитува обврските и да не го загрозува работењето на останатите компании.

„Фантом фирмите не се измислени вчера. Тие постоеле и ќе постојат, а истите се поддржани повторно од лица блиски до институциите задолжени за контрола и прибирање на даночните обврски. Ако се вратиме години наназад ќе приметиме дека секоја нова власт сака да прави ревизиии на обврските по однос на даноци кои ги имаат кон компаниите, па наоѓа дека имало фирми кои правеле злоупотреба, но на крај губитници се само оние кои по неколку години чекаат да им се врати ДДВ-то, а истото го платиле како дел од своето работење. Сепак, Владата треба да го реши ова прашање со тоа што нема да им го загрози работењето на останатите компании.

Секако, доколку има индиции за злоупотереба тоа треба да се контролира и санкционира, но обврската е создадена и таа треба да се плати. А доколку има злоупотреба за тоа има институции кои се занимаваат со тоа. Мора да бидеме јасни и концизни дека тоа се пари на компаниите кои со своето работење ги создале, не се ниту на државата, ниту на фантом фирмите“, реагира Трајкоска.

Владанка Трајкоска

Таа се сомнева дека на фирмите ќе им биде исплатена камата заради доцнење на повратот иако такво нешто е предвидено со Закон кој предвидува доколку повратот не се направи за 30 дена, да се пресметува и камата.

„Мислам дека тоа никојпат нема да се случи. За жал, кога од другата страна на работењето ја имаш државата, законодавството не е наклонето кон компаниите. Знаеме сите, ако една компанија задоцни со плаќање на обврска по однос на данок и следува окаматување, но и казна. Ако имаш обврски кон државата ниту комерцијалните банки не те гледаат како партнер, па наидуваш на уште поголем проблем“, објаснува Трајкоска.

Во однос на се поизвесното воведување на е-фактура, работодавачите се соочуваат со бројни непознаници о однос на оваа новина. Недостига обука и поддршка, велат тие, но и адаптација на системите.

„Имаме впечаток дека сивата економија наместо да бележи пад, истата се повеќе зема замав, а таа е најголем непријател на економскиот развој. Со имплементација на системот и зајакнувањето на фискалната дисциплина ќе биде опфатена и државата како дел од фискалниот систем. Најважно е оваа новина што поскоро да се имплементира, бидејќи имаме голем број на идејни решенија кои никојпат не биле ставени во функција“.

Од УЈП потенцираа дека работат на унапредување на процесот со поврат на ДДВ за фирмите но и од таму не даваат конкретен датум кога фирмите ќе ги добијат своите пари по основ на поврат на ДДВ. Инаку стопанствениците веќе неколку пати бараат промена на моделот за поврат на ДДВ. Според нив треба да се воведе компензација на Данокот на додадена вредност што би значело при купување на патеријали или суровини да не се плаќа ДДВ, туку таа сума да се и се одбива кога ќе се бара поврат на ДДВ.

К.В.С.

Слични содржини