Американската компанија „Модерна“ денес соопшти дека побарала одобрување за употреба на својата вакцина против ковид за адолесценти на возраст од 12 до 17 години во Европската унија и Канада.
Барањето е доставено до Европската агенција за лекови и Канадската здравствена агенција Санте Канада.
Засега, препаратот на „Модерна“ е одобрен за употреба во ЕУ и Канада за лица над 18 години.
На крајот на мај, ЕУ ја одобри употребата на вакцината на Фајзер/Бионтек за лица на возраст од 12 години. Вакцината на Фајзер е исто така одобрена за таа возраст во Канада.
На крајот на мај, „Модерна“ ги објави целосните резултати од клиничките испитувања на повеќе од 3.700 учесници на возраст меѓу 12 и 17 години во САД.
„Во таа студија не е забележан ниту еден случај на ковид-19 кај учесници кои примиле две дози на вакцината против ковид на Модерна“, што е 100 процентна ефикасност, се вели во соопштението на американската биотехнолошка компанија.
По една доза, забележана е ефикасност од 93 отсто, соопштија од компанијата. Компанијата додаде дека неколку случаи на инфекција пријавени помеѓу првата и втората доза биле лесни форми на болеста.
„Охрабрени сме што вакцината на Модерна се покажа како многу ефикасна во спречувањето на ковид-19 кај адолесцентите“, рече шефот на „Модерна“ Стефан Бансел во денешното соопштение.
Додадено е дека вакцината генерално добро се поднесува и дека досега не е забележана причина за загриженост.