Модриќ потпиша нов договор со Реал: „Ова ми значи многу и ме исполнува со гордост“

од Vladimir Zorba

Лука Модриќ потпиша нов едногодишен договор кој го врзува за Реал до летото 2022 година. Неговиот сегашен договор истече ова лето, но Реал не се двоумеше околу новиот.

Следната сезона во Мадрид ќе биде јубилејна за него. Како што и самиот вели, не можел да замисли дека ќе остане 10 години.

„Ова ми значи многу и ме исполнува со гордост, ќе бидам тука цели десет години. Не го очекував тоа затоа што дојдов во Мадрид на 27-годишна возраст и затоа што барањата во овој клуб се многу високи ако сакате да го заработите своето место. Нема ништо подобро од тоа да се биде играч на Реал Мадрид, нема подобро чувство од играњето на „Бернабеу“. Ова е клуб во кој сите сакаат да дојдат, и јас ќе бидам таму десет години“, воодушевено прокоментира Модриќ.

Како негови омилени моменти во Реал, тој ја издвои освојувањето на десеттата клупска титула во Лигата на шампионите во 2014 година и победата против Јувентус во финалето три години подоцна. Тој освои вкупно четири Лиги на шампиони во Мадрид.

„Имав многу драгоцени моменти во Реал, како што е „Ла Децима“ и финалето во Кардиф во 2017 година. Беше одлична сезона, играв многу добро и уживав во тоа. Направив спектакуларна 2018 година на индивидуално ниво. Тоа што го направивме во овие девет години е неповторливо. Да бидам искрен, никогаш не очекував да освојам четири Лиги на шампиони“, рече тој.

Откри дека успева да игра на врвно ниво дури и на 36-годишна возраст.

„Јас се фокусирам на она што го работам и на закрепнувањето, исхраната и одморот. Затоа се одржувам на високо ниво од година во година. Овој клуб ве принудува да бидете во најдоброто издание. Ќе продолжам да играм така сè додека можам“, заклучи тој.

Слични содржини