Владејачкото мнозинство во Собранието денеска одби да го стави на дневен ред предлогот за измена на Кривичниот законик, со кој Левица предлагаше кривичното дело „телесна повреда при семејно насилство” да се гони по службена должност, соопшти пратеничката од партијата Јована Мојсоска во објава на Фејсбук.
– Владејачкото мнозинство само што ОДБИ да се стави на дневен ред предлог-измената на Кривичниот законик, со кој Левица предлага делото “телесна повреда при семејно насилство” да се гони БЕЗ предлог на жртвата! Јавноста сведочеше за УБИЕНИ жени при семејно насилство, на кои му претходело повлекување на предлогот за гонење од страна на жртвата. Доколку беше прифатен предлогот на Левица, органите на прогонот ќе можеа да го гонат сторителот на семејно насилство независно од волјата на жртвата. Да не се гласа овој предлог само затоа што доаѓа од Левица говори за тешка партиска СУЕТА, арогантност и неодговорност кон оние најранливите кои државата мора да ги заштити! Сите оние кампањи обоени во портокалово и машнички на функционери се ЗАМАЈУВАЊЕ на јавноста, додека секој ден читаме за згаснати животи при семејно насилство“, напиша Мојсоска во објавата на Фејсбук.