Моќна нафтена компанија го запре транспортот преку Црвеното Море, цената на барелот веќе почна да дивее

од Stefanija Kuzmanovska
248 прегледи

Британската енергетска компанија BP најави дека ќе ги запре сите испораки на поморските рути кои минуваат низ Црвеното Море. Така, една од најмоќните нафтени компании им се придружи на голем број бродски компании кои ја донесоа истата одлука поради зголемените напади врз бродови од страна на Хутите, милитантите кои го контролираат Јемен.

„Со оглед на влошената безбедносна ситуација за бродовите во Црвеното Море, BP одлучи привремено да ги паузира сите свои транзити низ Црвеното Море“, соопшти BP.

Цените на нафтата нагло пораснаа, пишува Си-Ен-Ен. Цената на Брент се зголеми за 1,1 отсто на 77 долари за барел. Американската нафта, од друга страна, поскапе за 1 отсто, односно 72 долари за барел.

Влијание врз Европа
Веста го наруши целиот енергетски пазар. Запирањето на испораките преку Црвеното Море се одрази и на европскиот природен гас, а цените на фјучерсите до рано попладне скокнаа за 5,5 отсто.

Грегори Бру, аналитичар од консултантската компанија Eurasia Group, рече дека може да има одредено влијание врз цените на суровата нафта во Европа на Медитеранот.

„Во моментов не е јасно колку значајно ќе биде влијанието. Меѓутоа, ако повеќе бродски компании го пренасочат својот сообраќај и ако прекинот трае повеќе од една или две недели, цените веројатно дополнително ќе се зголемат“, изјави тој за Би-Би-Си.

Долгорочен транспорт
Досега компаниите MSC, Maersk, CMA CGM и Hapag-Lloyd најавија дека ќе го избегнат Суецкиот канал од безбедносни причини.

„Ситуацијата дополнително се влошува и загриженоста за безбедноста расте“, соопшти француската групација CMA CGM.

Некои бродови веќе се пренасочуваат преку ‘Ртот на добра надеж во Јужна Африка и на тој начин транспортот трае до три недели подолго од планираното.

Слични содржини