Молдавија во ноември ќе купува гас од руската компанија „Газпром“ по цена од 450 долари за илјада кубни метри, изјави вицепремиерот на Молдавија, Андреј Спину.
„Во сегашните услови ќе имаме цена двојно пониска од пазарната и пониска од онаа што ја плативме во октомври (790 долари)“, напиша Спину на Фејсбук.
Тој исто така додаде дека договорот склучен меѓу Молдавија и „Газпром“ за испорака на гас не предвидува никакви политички услови.
Што се однесува до долгот што го има компанијата „Молдовагас“, вицепремиерот најави дека е договорено во 2022 година да се изврши независна ревизија на долгот.
„Врз основа на таа ревизија ќе се утврди износот и ќе имаме нови преговори за да ги утврдиме начините и роковите за враќање на долгот што го има „Молдовагас“, прецизира Спину.
Да потсетиме, Молдавија и руската компанија „Газпром“ го продолжија договорот за снабдување со гас за пет години. Испораките на гас според новиот договор ќе започнат на 1 ноември.