Во свет каде науката и религијата честопати стојат на спротивставени страни, едно момче од САД го привлече вниманието на јавноста и на научната заедница со своите храбри и длабоко промислени ставови. Неговото име е Вилијам Мејлис и има 15 години, а она што го издвојува од неговите врсници не е само неговата неверојатна интелигенција, туку и неговата решителност да докаже нешто што многумина го сметаат за невозможно: Дека Бог постои.
Вилијам не е обично момче. Тој е гениј кој завршил средно училиште на само 9 години, а на 5-годишна возраст прочитал и совладал 209 страници од учебник по сложена геометрија за една ноќ.
Неговиот талент го препозна и Џоана Рутсак, психолог од Државниот универзитет во Охајо, која формално го прогласи за гениј, пишува „Sporlight Stories“.
Предизвик за научниот авторитет
Стивен Хокинг, еден од најпознатите астрофизичари во историјата, јасно го искажа својот атеистички став.
„Пред да ја разбереме науката, беше природно да веруваме дека Бог го создал универзумот, но сега науката нуди поубедливо објаснување. Кога реков дека ќе „го познаваме Божјиот ум“, мислев дека ќе знаеме сè што би знаел Бог, ако Бог постои – но тој не постои. Јас сум атеист.“
За повеќето луѓе, ваква изјава би била крај на дискусијата. Но не и за Вилијам. Тој реши да го докаже спротивното, користејќи го токму тоа науката.
Во интервјуата, Вилијам го објаснува својот став користејќи аргументи што звучат неверојатно зрело за неговите години:
„Знаеме дека универзумот е стар, нели? Околу 13,8 милијарди години. Значи, пред тоа, сè било компресирано во сингуларитет, честичка помала од кварк. Ако гравитацијата отсекогаш постоела и дејствувала, тогаш универзумот би морал да биде бесконечно стар. Но, не е. Имал почеток. Значи, нешто друго морало да го создаде.“
„Нешто не може да настане од ништо, бидејќи тоа би значело дека морало да постои пред да биде создадено што е нелогично. Затоа, некое друго суштество морало да ја создаде сингуларноста и тоа нешто што го нарекуваме Бог“, заклучува момчето.
Вилијам не сака неговите тврдења да останат само зборови. Тој планира да стане астрофизичар и, како што вели, „да му докаже на научниот свет дека Бог постои“.
Неговата вера доаѓа и од семејното потекло, неговиот татко е проповедник. Сепак, Вилијам јасно ја одделува слепата вера од рационалниот пристап, обидувајќи се да објасни сè преку научна логика.
Иако се чини дека е чекор понапред од своите врсници, Вилијам, како што вели неговиот татко, е сепак обично момче. Тој ги сака видео игрите, спортот и цртаните филмови.